Италијанските спасувачи во понеделникот пронашле тело на жена во хотелот „Rigopiano“ во централниот масив Гран Сасо кој минатата среда вечерта беше уништен во моќна лавина, со што бројот на потврдените жртви се искачи на седум и единаесет преживеани, јавува „Макфакс“.
Според извештајот на телевизискиот канал Rainnews24, кој се повикува на противпожарната служба, загината жена била најдена во понеделникот во раните вечерни часови во просторија во близина на кујната и барот, и нејзиното тело е извлечено на површината.
Со тоа, засега останува непозната судбината на 22 гости и членови на персоналот на хотелот. Спасени се 11 луѓе, од кои четири деца, вклучително и двајцата мажи кои кобната ноќ во време на уривањето на лавината биле надвор од хотелот и се засолнале во нивните возила.
Во понеделникот е прокопан нов пат низ девастираниот хотелски комплекс во напорите да се најдат евентуални други преживеани, а сé погласно се поставува прашањето дали трагедијата можела да биде избегната. Спасувачите настојуваат да продрат до централниот дел од хотелот надевајќи дека таму би можел да се создаде ткн „воздушен џеб“ и да има преживеани.
Ни интернет започна да кружи електронска порака која управата на хотелот им ја испратила на властите барајќи помош, само неколку часа пред катастрофата. И покрај тоа што не е споменато стравување од лавина, се опишува дека кај гостите расте паниката кои поради многу силните снежни врнежи останале блокирани, кога четирите силни земјотреси претходно го погодија истиот регион.
Минатата среда вечерта, голема лавина испровоцирана од четирите силни земјотреси кои претходно истиот ден ја погодија централна Италија, целосно го затрупа и урна хотелот кој се наоѓа во регионот Абруцо.
Според процените на експертите, врз хотелот се урнале 120.000 кубни метри снег, кои налетале на објектот со брзина од 100 километри на час.
OhridNews
извор: „Макфакс“