Најавените луксузни хотели кои во иднина ќе се градат на Охридското крајбрежје носат нова надеж за охридскиот туризам, сметаат упатените во туристичката дејност. Од друга страна поборниците за заштита на животната средина сметаат дека новите градби можат да ја нарушат сликата за недопрената природа, која е карактеристика на охридското крајбрежје.
Според најавите, нов хотелски комплекс од ланецот „Small luxury hotels“ ќе се гради на потегот кај Горица, а во делот кај каналот Студенчишта најавена е изградба на нов луксузен хотел од страна на „Фибула Ер Травел“. Исто така деновиве беше најавено дека нов хотелски капацитет ќе се гради и на потегот кај поранешната Детска болница, во населбата „Свети Стефан“, чие што земјиште на јавна аукција го купи скопската фирма „Камфуд“.
Нови содржини за повеќе туристи и подостапни цени
Странските туристички работници велат дека новите хотели од висока категорија, ќе ја освежат туристичката понуда во Охрид, но за да бидат конкурентни на пазарот, треба да донесат нови содржини и понуда кои ќе ja гарантираат нивната одржливост.
– Колку што имам информации, локациите на кои е најавена изградбата на хотелите се многу атрактивни и не дозволуваат импровизација. Тоа што таму ќе се изгради треба да биде навистина луксузно и да нуди туристички услуги од висок ранг. Само така ќе може да предизвика поголем интерес кај туристите. Значи, тука се потребни хотели кои ќе бидат уникатни во регионот. Се надевам дека инвеститорите кои ќе ги градат хотелите го имаат тоа во предвид, вели Александрија Ристиќ, туристички работник до Србија.
Охридските туристички експерти сметаат дека изградбата на луксузни хотели нема да пречи на останатите видови на сместување, затоа што тоа тие ќе привлекуваат различни видови на туристи.
-Колку повеќе имаме разгрането сместување, односно нудиме различни категории на сместување толку имаме поголема можост да привлечеме различни видови на туристи. Луксузните хотели позитивно ќе влијаат и на имиџот на Охрид, но ќе создадат и поширок туристички пазар, кој ќе може да влијае и врз корегирање на цените за сместување. Хотелите кои ги имаме во моментов нудат повисоки цени, бидејќи немаат конкуренција од повисок ранг, а кога ќе ја добијат таа конкуренција ќе мора да ги спуштат цените, бидејќи нема да нудат исти услуги, вели проф. д-р Сашо Коруновски Декан на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид.
Проценка на пазарот и заштита на природата
Коруновски вели дека одговорот на прашањето-колку хотели од висока категорија му се потребни на Охрид, треба да се бара во делот на проценките на пазарот.
-Оној кој што инвестира во изградба на луксузен хотел сигурно не влегува со толку голема инвестиција без да го истражи или анализира туристичкиот пазар тука. Сигурно се направени соодветни проценки за исплатливоста на инвестицијата, односно дали хотелот ќе може да се полни со гости и да биде рентабилен, појаснува Коруновски.
Според упатените во заштитата на природата, развојот на туризмот во Охрид е приоритет, но истиот не треба да биде во фокусот само на економскиот профит туку и на долгорочното влијание врз природата, културното наследство, обичаите на охриѓани и социјалниот аспект.
-Ако се изградат премногу хотели ќе се уништи природата, ќе се зголеми загадувањето со кое секако веќе имаме проблем и на крај постои можност хотелите да останат празни бидејќи туристите нема да доаѓаат во загаден и бетонизиран град. Можеби подобро е прво да се модернизираат и искористат постоечките објекти на крајбрежјето кои зјаат празни, а потоа ако има потреба со многу големо внимание врз природата и со запазување на највисоки стандарди да се градат нови, вели Катерина Василеска, активистка од невладиниот сектор, која долги години работи на проекти за заштита на природата и развој на туризмот.
Инаку според најавите во медиумите, брендот „Small luxury hotels“ ќе гради објект со површина од околу 7 илјади метри квадратни со 100 соби и со околу 200 легла, додека пак „Фибила Ер Травел“ најавува изградба на хотел на површина од околу 25.000 метри квадратни и со капацитет од 400 соби.
Е.М