Ракометниот клуб Охрид и битолски Пелистер в петок со почеток во 18 часот со меѓусебна пресметка во „Билјанини Извори“ ќе ја кренат завесата на суперлигашките натпревари во новата година. „Зелено белите“ во Охрид ќе допатуваат како првопласирани во Супер лигата, додека врвот на табелата ќе биде мотив за „гладијаторите“ кои со триумф би го освоиле.
Спортската редакција на најчитаниот интернет портал во регионов, Ohrid News издвојува неколку работи кои (ќе) треба го одбележат супер дербито во Охрид.
1. Репрезентативниот дуел меѓу Благојче Трајковски и Кирил Колев на головите
Дербито покрај од натпреварувачки карактер ќе биде привлечно и од играчки, а за издвојување е дуелот меѓу Благојче Трајкоски и Кирил Колев. Двајцата голмани заедно пред месец и пол ја делеа собата и го чуваа голот на Македонија на Мундијалот во Франција, но сега на клупски план ќе мора да се судрат еден против друг. Многу работи, односно крајниот исход на натпреварот ќе зависи од голманите и од одбраната која има задача да биде непробојна пред голот. Секој голман си има свои адути, а нивниот дуел ќе биде вистинско уживање во „Билјанини Извори“.
2. Иван Тасески се враќа во Охрид, но ќе игра против Охрид
Миленикот на охридската публика и ракометниот бисер од Охрид, Иван Тасески се враќа на местото каде се афимираше во добар и квалитетен ракометар со репрезентативен потенцијал. За него ова нема да биде прв дуел против Охрид, бидејќи играше во првиот меч во Битола, но ќе биде прв пат да игра против Охрид во „Билјанини Извори“. Сигурно емоциите кај него ќе бидат поголеми, бидејќи долго време охридските навивачи беа негов ветар во грб на ракометните терени.
3. Четврта шанса за Охрид
Сезонава охридските ракометари немаат триумф во трите одиграни мечеви со битолските екипи Пелистер и Еурофарм Работник во регуларниот дел од Супер лигата. „Фармацевтите“ два пати наоѓаа лек за „гладијаторите“, а Пелистер и Охрид ги поделија бодовите во пресметката во есенската полусезона. Дуелот во „Билјанини Извори“ ќе биде четврта, но не и последна шанса за охриѓани, бидејќи овие три екипи со уште една дополнително од Супер лигата ќе им се приклучат на Вардар и Металург во плејофот.
4. Сите в сала на ракомет !
Ракометниот клуб Охрид го повтори минатогодишниот успех со пласманот во плејофот, но го загуби најважниот играч кој се наоѓа на трибините-публиката. Полната сала и безрезервната поддршка од публиката беше заштитен знак на охридскиот клуб. На ракометарите неопходна им е поддршка, затоа без изговори петок во 18 часот сите в сала на ракомет !
Супер дербитo во „Билјанини Извори“ ќе означи почеток на Супер лигата !
Михаил Постоловски