Поттикнувањето на соработката меѓу балканските народи и инспирацијата на млади таленти во областа на технологијата и иновациите е целта на Балканската Олимпијада по информатика (БОИ) која годинава по 31-ви пат се одржува, овојпат во Охрид, во организација на Здружението на информатичари на Македонија. Во рамки на истата денес беа доделени медалите на најуспешните.

Во конкуренција на голем број учесници од 15 земји од поширокиот Балкански регион златниот медал го освои Даниел Којнов од Бугарија, ученик во Гимназија во Шумен.

Информатиката е многу убава наука. Започнав да ја изучувам кога бев 5-то одделение и оттогаш се вљубив во неа и продолжувам до ден денес. Освојувањето на златниот медал за мене е голем успех, но поважно ми е тоа што го имаме ова издание на Балканската Олимпијада каде можеме да се собереме со многу пријатели од други држави, да бидеме заедно. Многу сум задоволен, вели Којнов.

Миле Јованов, претседател на Здружението на информатичари на Македонија и професор на ФИНКИ, посочи дека денешниот е последниот официјален настан од Балканската олимпијада по информатика која оваа година е организирана во Македонија.

Овие настани, ваквата Олимпијада овозможува да се промовира науката се повеќе и повеќе односно информатичката област. И тоа е целта. Ние сакаме преку собирање на најдобрите ученици и од Македонија и од сите други земји да дадеме позитивен пример на сите наши други ученици да се заинтересираат во областа, да работат и да постигнат врвни резултати. Разликата меѓу научните и спортските олимпијади е тоа што кога некој ќе постигне медал на спортска олимпијада тоа е врвот на неговата кариера, додека кај освојување на медал на ваква интернационална научна олимпијада учениците ќе освојат медал, а потоа за нив почнува успешноста во оваа многу барана професија, односно во рамки на компјутерската наука воопшто, вели Јованов.

Во однос на тоа каде како државава се наоѓаме кога станува збор за овие млади таленти и информатичката наука, Јованов посочува дека се носиме рамо до рамо со другите балкански држави.

На ниво на Балканскиот регион Македонија е една од најмалите држави по популација и површина. За учество на БОИ од секоја земја се бираат по четворица учесници, исто и од Македонија. Ние успеваме да се носиме рамо до рамо со другите држави. Секогаш фаворити се ученици од Бугарија, Романија кои имаат уште подолга традиција на натпреварување, но најчесто сме барем во првата половина по квалитет од сите овие балкански држави. Ученикот Дамјан Давков од Штип кој е ученик во Математичко-информатичката гимназија во Скопје освои сребрен медал, за малку ќе освоивме злато, но и ова е доста силно одличје за Македонија, истакна Јованов.

Инаку, Балканската олимпијада по информатика е натпревар во програмирање за средношколци од регионот на југоисточна Европа. Домаќин на олимпијадата секоја година е различна земја, членка на БОИ иницијативата.

Н.С.Ј.