Концесионерот на Охридското Езеро „Патрмка 2012“ и Здружението на риболовци спортски клуб Св. Стефан од Охрид, ги доделија признанијата на најдобрите спортски рибиоловци во младинска конкуренција, кои се натпреваруваа во Зимската риболовна лига 2013-2014 во дисциплината „пливка“.

Учесниците во Зимската лига која започна во декември, а заврши изминатиот викенд, се натпреваруваа во три категории, Кадети: деца до 14 годишна возраст, Јуниори: деца од 15 до 19 годишна возраст и Сениори: повозрасни од 20 години. 

Младите спортски риболовци постигнаа одлични резултати и докажаа дека се вешти во оваа дисциплина. Од коло во коло беа се подобри благодарение на тренинзите помеѓу натпреварите и упорноста да се постигне подобар резултат. Кај најмладите, ако во првото коло најдобриот улов изнесуваше 900 гр. во второто коло дустигна 1.430 гр. а во третото коло, најдобриот успее да улови 2.190 гр. само за два часа ловење. – информираат од спортско риболовниот клуб „Св. Стефан“.

Во категоријата „кадети“ учествуваа вкупно 15 натпреварувачи а во категоријата  „јуниори“ вкупно 6 натпреварувачи. 

Резултати:

Кадети:
1 место – Илија Рупев,
2 место – Никола Ставрески и
3 место – Христијан Неданоски.

Јуниори:
1 место – Дејан Трајчевски,
2 место – Димитар Трајковски и
3 место – Бобан Наумоски.

На надобрите, покрај дипломи и медали им беа доделени и вредни награди – риболовни трски, кои во иднина ќе им служат за учество на натпревари. 

Генералниот спонзор на натпреварот, концесионерот на Охридското Езеро „Пастрмка 2012“, најави дека и во иднина ќе ги помага активностите на  Здружението на риболовци спортски клуб Св. Стефан од Охрид, особено младите категории.

-Преку ваквите натпревари младите покрај тоа што развиваат спортски дух, се запознаваат и со рибниот фонд во Охридското Езеро, како и со потребата од негова заштита. Како концесионери, ние и натаму ќе продолжиме да ги поддржуваме активностите на  Здружението на риболовци спортски клуб „Св. Стефан“, а особено натпреварите во кои учествуваат младите.-изјави Ристе Танасоски од „Пастрмка 2012“.

Од најдобрите десет натпреварувачи во двете категории ќе се состави екипа на ЗРСК „Св. Стефан“ од Охрид, која ќе учествува на државните натпревари во Македонија во 2014 година.

OhridNews