Белгиската поетеса Руна Светликова за стихозбирката „Оваа мека бела соба“ објавена на фламански јазик ја доби наградата „Мостови на Струга“, која фестивалот Струшки вечери на поезијата во соработка со УНЕСКО ја доделува за најдобра дебитантска книга.

Одлуката била едногласна и денеска на прес-конференција ја соопшти раководството на СВП. Претседателот на Управниот одбор на фестивалот Славе Ѓорѓо Димоски рече дека на конкурсот пристигнале 21 книга од 17 земји и сите биле со исклучителен квалитет, највисок во изминатите 13 години откога се доделува оваа награда. Покрај книгата на Светликова, во најтесен избор за наградата се издвоиле и дебитантските поетски книги на Линли Едмеадес од Нов Зеланд, Сара Елиза Џонсон од САД, Хуан де Фроно од Колумбија и на Габриел Говеа Акоста од Мексико.

-Поетската книга на Руна Светликова е дебитантско ремек-дело кое содржи зрели песни кои навестуваат творечка појава која ќе биде неодминлива и во белгиската/фламанската литература, но и во целокупната европска, па и светска, истакна Димоски.

Руна Светликова (1982) е поет, писател и графички дизајнер. „Оваа мека бела соба“ и е прва поетска книга, објавена во 2014. Минатата година за неа ја добила белгиската награда „Херман де Конинк“, а била и во потесен избор за други значајни литературни награди во Белгија и Холандија.

Зборувајќи за нејзината поезија и за наградената стихозбирка, директорот на фестивалот СВП Мите Стефоски истакна дека уште на прв прочит се гледа дека оваа книга е со строга композиција, дело на автор кој поседува голема умешност и во самото пеење, но и во структурирањето на песните.

– Светликова во творештвото тргнува од обични, навидум безначајни нешта и пишува за се. Во нејзината поезија таа не бара одговори, туку начин како правилно да ги постави прашањата. Таа тежнее да направи јазик со кохерентна реалност, користи полуавтобиографски детали во нејзината поезија со цел содржината на песните да биде поискрена. Песните на Светликова се лични во секоја смисла на зборот, истакна Стефоски. „Главното што ме инспирира се луѓето, слабостите и неврозите, убавина во грдотијата, смртта на татко ми“ – цитираше тој изјава на Светликова која е 13-тиот лауреат на „Мостови на Струга“.

Наградата ќе и биде врачена на 55-тиот фестивал Струшки вечери на поезијата кој ќе се одржува од 24-ти до 29 август. Раководството на СВП пред десет дена го соопшти и лауреатот на главната фестивалска награда – „Златниот венец“ за 2016 година – канадската писателка, поетеса, книжевна критичарка и активистка Маргарет Етвуд.

За време на фестивалот ќе биде соопштен и добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“ која СВП ја доделува за најдобра поетска книга од македонски автор објавена меѓу две изданија на фестивалот, односно од 1 јуни 2015 до 31 мај 2016.  Конкурсот за наградата ќе биде објавен на 31 мај и ќе трае до 20 јуни.

Стефоски откри и дека во фокусот на годинашните СВП ќе биде австралиската поезија и дека на фестивалот ќе учествуваат неколку поети од Австралија. Од 1971 година СВП посветува антологија и посебна вечер за една национална поезија. Годинава антологијата за австралиската современа поезија, како што рече тој, ќе биде огромен избор со околу девет илјади стихови.

OhridNews