Наградата „Григор Прличев“ за најдобра необјавена поема за 2014 годинава отиде во рацете на охридскиот писател Славе Банар, автор на наградената поема „ Амбар“ која едногласно беше избрана за најдобра од страна на комисијата. На свеченоста посветена на авторот, во рамки на Прличевите беседи кои започнаа денес, Банар истакна дека наградата му значи многу и го прави среќен , затоа што  како охриѓанец успеал да ја продолжи жестоката традиција воспоставена од страна на еден од најголемите интелектуалци, автори преродбеници на кои се потпира Охрид, Григор Прличев.

Јас само постапив по чекорите кои ги следев целиот мој живот минувајќи крај езерото, минувајќи по стапките на големиот Прличев. Верувам дека е гордост не само за охриѓани, туку и Македонија што конечно во една чесна и фер борба ја добив наградата која му припадна на Охрид по сите овие години на доделување на Прличевата награда, изјави авторот на наградената поема „ Амбар“.

Свеченоста по повод  доделувањето на наградата беше збогатена со настап на хорот при НУ Центар за култура „ Григор Прличев“ и артистичка изведба на  наградената поема „ Амбар “.

Свеченостите  продолжуваат во петок со полагање на свежо цвеќе пред споменикот на Григор Прличев во дворот на  истоименото основно училиште, по што во 11 часот ќе се одржи панихида и ќе се положи цвеќе пред гробот на Григор Прличев. Точно напладне во спомен куќата на Прличев ќе се одржи  културно- уметничка програма,  а веднаш потоа пред бистата на поетот  кај Библиотеката ќе се положи  свежо цвеќе. Во 13 часот во  Библиотеката ќе се  одржат, беседата и охридската визита.   

Годинешните случувања  посветени на ловроносецот , завршуваат  со  ликовната изложба на цртежи од учениците од  истоименото основно училиште  и со свечената приредба која ќе се одржи  по повод  патрониот празник.  

OhridNews