Наградата „Ацо Шопов“ за надобра поетска кига за 2015 година што ја доделува Друштвото на писатели на Македонија ѝ припадна на книгата „Јазичен триптихон“ од Славе Ѓорѓо Димоски.
-Наградената книга зрачи со рафинирана зрелост на поетското писмо. Таа е остварена надвор од сите стереотипи, нурната во метафизичката поетска магма и се изделува во годишната поетска продукција како оригинална и впечатлива творба, пишува во образложението на комисијата за наградената книга.
Во книгата се поместени пет подолги лирско-епски песни, од кои три го сочинуват „Јазичниот триптихон“ и две делот Додаток. Предмет на пеење е јазикот како прапочеток на сè, а посебно поетскиот јазик како највисок израз на човечкиот цивилизациски дух. Во Додаток се појавуваат ликовите на Каин, првиот библиски братоубиец и на Александар, но симнат од историската сцена. Во книгата се поместени и три искажувања од Венко Андоновски, Санде Стојчевски и Наташа Аврамовска.
Освен на оваа книга, Славе Ѓорѓо Димоски е автор и на книгите: Гравири, Проект, Студен порив, Последните ракописи, Спореден пат, Предмети и аргументи, Форми на страста, Темно место, Мерач на зборовите, Хаику на разгледници.