Познатиот архитект од Охрид, Климент Заров, е добитник на наградата „Андреја Дамјанов” за 2009г. за животно дело и особени достигнувања во архитектурата и градителството, што ја доделува Асоцијацијата на архитекти на Македонија. Ова високо признание од фелата, Зров го добива за огромниот придонес во архитектирата во земјата во текот на исклучително плодната кариера.

– Архитект Климент Заров несомнено спаѓа во редот на истакнати фигури на современата македонска архитектура. Во своето долгогодишно делување се занимавал со повеќе сегменти од архитектонската професија, минувајќи ги сите скалила за целосно оспособување во широката палета на архитектурата, почнувајќи од заштита, конзервација, реставрација, урбанистичко и просторно планирање, проектирање и менаџмент, се наведува, меѓу другото, во  образложението на Комисија за доделување на наградата “Андреја Дамјанов” за 2009 година.

Заров подолг период бил водечки планер и проектант во Институтот за урбанизам и архитектура во Охрид, каде што ги покажал своите творечки и организациони способности. Претставувал вистински амбасадор на севкупното архитектонско живеење и делување во градот и пошироко, вклучувајќи ја и реализацијата на летната школа за архитектура во соработка со Архитектонски факултет од Скопје, во која учествувале ифакултети од другите републики. Опсегот на неговото творечко делување е многустран и опфаќа повеќе области: домување во едносемејни и повеќесемејни објекти, туристички објекти, деловни и трговски објекти, индустриски и јавни објекти, урбанистички и просторни планови. Комисијата ги наведува и позначајните реализирани проекти на Заров, како колективни станбени објекти во Охрид изградени во шеесетите и сеумдесетите години од минатиот век, Проектот на институт за урабанизам Охрид 1978г., Хотел Св.Илија, Св.Стефан -Охрид, х.Силекс 1983, Реконструкција и доградба на поштата во Охрид 1985г., Реконструкција и доградба на аеродромска зграда Охрид 1990, Детален план на централно градско подрачје на Охрид, Детален план на реонски центар и Горно Лисиче, Скопје и други. Заров остава белег и надвор од границите на Македонија со повеќе архитектонски решенија меѓу кои се и Мотел во Џеда – Саудиска Арабија, Хотелски комплекс на Јахорина и други.


– Својата професионална зрелост ја покажува во станбената архитектура и хотелските објекти доследен на функционалната и конструктивната логика во создавање на изградената форма. Со хотелот „Горица” архитектонски го достигнува креативниот врв во нашата архитектура и пошироко, создавајќи дело со неодминлива, трајна вредност, со оргинален израз и елементи од поднебјето и традицијата, се вели во освртот на творечкиот опус на Заров на Комисија за доделување на наградата “Андреја Дамјанов” за 2009 година.


Хотелот „Горица“

Дипломираниот инженер архитект, Климент Заров, е роден на 07.04.1930 во Охрид. Дипломирал на Архитектонскиот факултет на при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје кај проф. Борис Чипан. По работата во Заводот за заштита на спомениците на културата во Охрид продолжува во новооснованиот Завод за урбанизам и архитектура во Охрид каде работи како проектант, а потоа и како директор до пензионирањето.


За својата професионална дејност Климент Заров добитник е на повеќе награди и признанија и тоа: Награда на град Охрид „7 Ноември“ од областа на архитектурата, Признание од Сојуз на урбанисти на Југославија за урбанистичко творештво, Републичка награда „11 Октомври“ за хотел Горица-Охрид. Во текот на својата кариера остварува бројни професионали функции и значајни студиски патувања. Како врвно признание во својата исклучително богата кариера, Климент Заров денеска ќе ја прими наградата за животно дело и особени достигнувања во архитектурата и градителството, што ја доделува Асоцијацијата на архитекти на Македонија.

Г. Момироски