Меѓународната уметница Лида Шерафатманд која живее во Струга, заедно со струшкиот уметник Милко Нестороски отворија месечен конкурс за собирање догорчиња од цигари од јавни површини, а наградата за првите двајца што ќе соберат најмногу е изработка на портрет. Наградата ќе се доделува еднаш месечно во текот на наредните 12 месеци, а целта е зачувување на природата и животната средина.
Секој месец ќе бидат избрани по двајца победници, според бројот на догорчиња кои ги собрале. Тие ќе имаат шанса да добијат бесплатен монохроматски портрет од која било личност по нивен избор. Сите кои сакаат да учествуваат треба да соберат догорчиња од цигари од јавните површини во пластично шише,а потоа да ги однесат во ателјето на Флоресенцизмот во Струга, пред 26-ти секој месец, соопштија организаторите.
Тие додаваат дека ја покренуваат оваа иницијатива бидејќи догорчињата фрлени на плажите водат до загадување на водата и нејзиниот квалитет, а влијаат и врз водниот свет. Исто така, предизвикуваат загадување на воздухот и влијаат врз синџирот на исхрана, а претставуваат и опасност за животната средина и може да предизвикаат шумски пожари при што страдаат и флората и фауната.
Инаку, Лида е меѓународен уметник која последните години живее во Струга. На нејзина иницијатива од минатата година се организира награден конкурс за „Чиста Струга“, во кој секој месец се доделуваат по 100 евра за лицата што ќе соберат најмногу отпад на јавни површини во и околу градот.
OhridNews