Секторот за компјутерски криминалитет и дигитална форензика при Министерството за внатрешни работи на Република Македонија е добитник на првата награда за најуспешно реализирана акција за разбивање меѓународна криминална група што вршела нелегална терминација на меѓународен во национален телефонски сообраќај. Наградата е доделена од регионалната организацијата SELEC во која членуваат 12 земји од Југоисточна Европа.
– Горди сме на оваа награда која е признание дека се движиме во вистинска насока, работиме во вистински правец и дека само треба да ја унапредуваме нашата работа. МВР го препозна овој тренд и работи на јакнење на капацитетите за справување со компјутерскиот криминал. Компјутерската безбедност е сериозен предизвик за секоја држава. Со ефикасен пристап во идентификацијата и реализирањето на истраги од областа на компјутерскиот криминал директно се придонесува за поголемата компјутерска безбедност, истакна началникот на секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР, Маријан Стоилковски.
Наградата е добиена заедно со секторот за борба против компјутерски криминал при српското министерство за внатрешни работи.
– Овој вид криминал не препознава граници, но навремената и координирана соработка, како во овој случај, е доказ дека тоа не важи, бидејќи со оваа акција во Србија лишивме од слобода три македонски државјани, го идентификувавме центарот од кој тие работеа. Високотехнолошкиот криминал има тенденција на пораст што е сигнал дека полицијата од регионот треба во континуитет да разменува информации, смета Сашо Живановиќ, началник на одделението за борба со високотехнолошки криминал при МВР Србија.
Криминалната група, во која имало 10 лица од Република Македонија, во соработка со организираната криминална група од Србија, на почетокот од 2013 година, набавиле и бесправно користеле телекомуникациски уреди за терминација на телефонски повици. Уредите преку интернет мрежата ги поврзале со мрежата на странски мобилни оператори преку СИМ картички и остварувале интернационален сообраќај по цена од локален телефонски сообраќај. Со тоа, криминалната група, извршила директна финансиска загуба на оштетените мобилни оператори, стекнувајќи се само од мобилните оператори во Република Македонија со противправна имотна корист од 506.312 евра.
Посебно значајна за истрагата и реализацијата на ова дело, беше размената на информации преку SELEC и офицерите за врска од Република Македонија и Република Србија.
Инаку, денес во Охрид отпочна со работа дводневната регионална конференција на 12-те земји од Југоисточна Европа-членки на SELEC. Учесниците на конференцијата ќе имаат мултидисциплинарен пристап во размена на искуствата и трендовите од областа на комјутерскиот криминалитет и дигиталната форензика. Учесници покрај претставници на Министерствата за внатрешни работи од земјите членки на СЕЛЕЦ се и претставници на банки, мобилни оператори и други претставници на релевантни институции од земјите членки.
OhridNews