На предлог на група граѓани, а по повод 7 Ноември, празникот со кој се одбележува ослободувањето на Охрид, градоначалникот Константин Георгиески, донесе решение за парична награда во висина од 20 илјади денари за Кадри Селман, вработен во ЈП “Охридски Комуналец“.
Наградата му се се доделува за посветено и професионално работење во одржувањето и уредувањето на градските паркови и зеленило. Колегите на Селман, едногласни дека наградата оди во вистински раце. Кадри вели дека е искрено среќен за наградата и очекувал дека некој ќе знае да ја цени неговата 36 годишна работа во јавното претпријатие, односно во РЕ “Паркови и зеленило“. – информира локалната самоуправа
Селман наградата ќе ја прослави со колегите од ЈП “Охридски Комуналец“, кои денес го одбележуваат својот празник.
Кадри Селман, роден 1961 година во Охрид, е човекот кој од јавното зеленило во градот прави вистинска бајка. Вработен во Охридски Комуналец, Кадри секој ден го дотерува и обликува зелениот појас на градскиот плоштад и кејот на начин на кој можат да ни позавидат многу побогати и многу попознати туристички дестинации во Европа.
Неодамна Селчман доби нова машинка за обликување на зеленилото, подарок од Лајoнс клубот „Лихнидос“ и „Кармен Бауцентар“. Скромниот работник со уметничка душа сега ќе може уште подобро да го обликува градското зеленило во креации кои ги топлат очите и ја галат душата.
OhridNews