Ова драстично зголемување на цените на горивата доаѓа откако Регулаторната комисија за енергетика, на вчерашната седница, ги врати претходните вредности за надоместокот за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати што се плаќаат при увоз и производство на нафтени деривати и акцизата кај одделни нафтени деривати.
Новата малопродажна цена на Еуросупер – 95 изнесува 80,50 денари за литар, а на Еуросупер-98 за 82,00 денари за литар, додека Еуродизелот ќе се продава за 69,50 денари за литар.
За 0,5 денари се зголемува малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) чија нова цена изнесува 58,00 денари за лиотар, додека малопродажната цена на мазутот останува непроменета.
Претходно во месец април Владата донесе одлука за намалување на акцизата на безоловниот бензин за 4 денари по литар и на дизел горивото за 2 денари по литар, со цел како што беше образложено за да се заштити стандардот на граѓаните. Мерката како што соопшти Владата ќе го чини буџетот 10 милиони евра, кои според најавите треба да се надоместат преку кратење на тековните буџетски расходи.
Покачувањето на цената на горивата во Македонија се случува во период кога цената на нафтата на светските берзи е во опаѓање.