Охрид врие од глувци и стаорци. Ги има секаде па дури и по домовите и кафулињата. Иако надлежните служби за дератизација од Здравствениот Дом од Охрид велат дека пролетната дератизација била успешна, резултатите  покажуваат обратен ефект.

“Глувците ни станаа ноќна мора, се појавуваат во собата за дневен престој, синот видел вакво суштество   и во неговата соба, а сосетката ни кажа дека забележала еден глушец кој влегувал  низ  терасата. Ова е навистина проблем, станов ни е нов, а за хигиената не сакам ни да коментирам, од секогаш сме се грижеле се да биде во најдобар ред“, вели еден охриѓанец кој за проблемот побарал помош од ветеринарен доктор.

“Глодарите годинава се најбројни во стариот дел на градот, во населбите Варош и Месокастро. Таму се појавуваат дури и стаорци но место за паника нема. Со ставање на појак отров глувците бегаат од место каде се намножиле и брзо потоа умираат. Затоа треба почесто да се врши дератизација и истата често да се контролира од стручни лица“, вели ветеринарниот доктор, Тони Танкоски.

Со пролетната дератизација во Охрид беа опфатени 3.200 шахти што  се наоѓаат во стариот дел на градот и по улиците: “Туристичка“, “Јане Сандански“, “Питу Гули“ и  “7-ми Ноември“, а отров против глодари се ставаше и  во останатите шахти низ центарот на градот.

Дератизацијата, за која Локалната самоуправа од Охрид издвои околу 300 000 денари ќе биде повторена есенва.
                                                                                                 

 Ангела Белевска