Дрвена бандера за електрична енергија надвисната над локален пат во село Песочани, веќе две години претставува опасност за жителите. Реагираат дека бандерата која ја поставиле со свои средства пред две децении и покрај ветувањата сеуште не е санирана.

Жителите се обратиле до ЕВН од каде биле упатени на решавање на проблемот во Општина Дебрца. Оттаму, според нив, во неколку наврати добиле ветување дека проблемот ќе биде решен, но истиот сеуште не е. Стравуваат дека столбот со доаѓање на зимата може да се сруши, но и дека претставува опасност за жителите, пред се за малите деца, кои секојдневно поминуваат тука.

Од Општина Дебрца велат дека нивните служби се известени и очекуваат проблемот за брзо време да биде решен.

Нашите служби кои се грижат за јавното осветлување веќе се запознаени со случајот и работат на изнаоѓање на решение за истиот. Очекуваме во најкраток рок проблемот да биде решен. Столбот е обезбеден од наша страна, но бидејќи станува збор за приватна парцела потребна е согласнот од сопствениците на истата, додаваат од Општина Дебрца.

OhridNews