Од истекот на Охридското Езеро кај Струга во реката Црн Дрим се испуштаат 58 метри кубни вода во секунда, додека од акумулацијата „Глобочица“ во секунда се прелеваат 41 кубен метар вода.
Како што соопшти Центарот за управување со кризи,Дебарското езеро, според податоците од Електрани на Македонија ( ЕЛЕМ ), денес бележи минимален прелив од 4,5 метри кубни во секунда. Со оглед на тоа што водостојот на реката Радика е намален, не се очекуваат проблеми со нивото на езерото, соопшти ЦУК.
Според прогнозите за наредните денови, не се очекуваат врнежи од дожд, што според надлежните позитивно ќе влијае на стагнација на езерското ниво, со тенденција за опаѓање. Сепак хидролозите стравуваат дека поради високиот водостој на реките во сливното подрајче на Охридското Езеро тоа и натаму ќе расте бидејќи во него се вливаат големи количини вода. Според нив дополнително состојбата ќе ја усложни и топењето на снегот од околните планини, што се очекува со најавениот пораст на температурата деновиве.