Четири месеци по воведувањето на зонското паркирање и новиот систем за наплата се сумираат резултатите и впечатоците.

Од една страна е гласот на граѓаните кои на анкетата на OhridNews, на прашањето: Дали е ефикасен новиот начин на паркирање во Охрид, од вкупно 4737 кои гласале, 3703 односно 78% се изјаснале со НЕ, а 1034, односно 22% дале одговор ДА.

Од друга страна менаџментот на јавното претпријатие „Билјанини извори“ вели дека се задоволни од функционирањето на системот. Недостатоците се отстранети, а се работи на воведување на новини кои во голема мера ќе го подобрат начинот на работа. Се очекува и воведување на сензори кои ќе покажуваат колку слободни паркинг места се на располагање.

За досегашното искуство и предвидените новини, OhridNews разговара со директорката на ЈП „Билјанини извори“, Гордана Јованоска.

OhridNews: Во месец јули стартуваше зонското паркирање и наплата преку СМС пораки. Какви се досегашните впечатоци?

Г.Ј.: Ваквиот систем за наплата далеку е подобар како за граѓаните, така и за гостите кои го посетуваат Охрид. Претходо наплатата  се одвиваше  преку фискални апарати и граѓаните беа приморанани да ги бараат наплатувачите и преку фискална сметка да извршат наплата. Сега имаат два начина на плаќање. Првиот преку СМС и со овој начин од информативните табли го повикуваат бројот 144644 и преку порака означуваат на кој паркинг се наоѓаат си ја пишуваат регистарската табличка пуштаат порака и им започнува паркинг сесијата. Додека ако немаат телефон или не сакаат наплатата да им оди преку телефон, секој контролор има и гребни карти, секоја од нив важи еден час и може да си купи и да ја постави на својот автомобил.

OhridNews: Дали ваквиот начин на наплата за паркирање ги оправда очекувањата?

Г.Ј.: Да, ги оправда. Имаме подобра наплата, но може да забележите и дека сега во централното градско подрачје имаме повеќе слободни места, помалку метеж и секој кој ќе дојде во центарот за кратко време ќе најде паркинг место.

OhridNews: На почетокот од функционирањето на новиот систем на наплата се соочивте со голем број реакции на граѓани и отпор кон поставените рампи, особено од жители во стариот дел од градот. Дали работите постепено се средуваат?

Г.Ј.: Од информациите на терен може да се заклучи дека овој проблем  повеќе е вештачки и е создаден од неколку опортунисти на новитети кои имаат свои вили во стариот дел на градот, немаат свои паркинзи, па ги користат за паркирање улиците во стариот дел од градот. Додека поголемиот дел од граѓаните сакаат да има регулирање на сообраќајот во тој дел. За рампите надлежна е локалната самоуправа, односно секторот за сообраќај. Ние на нивна замолница само им помагавме во функционирањето. Додека на прашањето дали се средуваат? Мислам дека се средуваат, се очекува сообраќајна студија за трајно решавање на проблемот со старото градско јадро.

OhridNews: Се појавија и повремени грешки при наплатата, затајување на системот за испраќање СМС пораки. Дали овој проблем е решен?

Г.Ј.: Таквите грешки се создадени од паѓање на интернетот кај операторите Т.Мобиле и ВИП. Ние реагиравме, но за жал техниката, интернетот понекогаш затајува и ние како претпријатие не можеме ништо да направиме освен на оштетените корисници да им дадеме во наредните денови бесплатен паркинг за часовите за кои се оштетени.

OhridNews: Имаше случаи кога странски гости немаа можност да платат преку СМС пораки па нивните возила беа „блокирани“. Дали во иднина тие непречено ќе можат да паркираат без повторување на ваквите искуства?

Г.Ј.: За жал гостите не беа доволно информирани дека во Охрид паркинг сесијата се наплаќа, па некои беа и заклучувани. Поголем број не беа казнувани со по 1000 ден колку што е цената за поставен блокатор, туку со дневни билети беа пуштани и беа задоволни од нашиот однос кон нив, се разбира со исклучок на неколку случаи кога имаше инциденти,  но тоа не беше од незнаење, туку од отпорот да се плати паркинг. Но, и покрај се’, ние овој проблем ќе го решаваме на почетокот на 2019 година со поставување на повеќе информативни табли, ќе се обидиме да поставиме паркомати во централното градско јадро каде ќе можат гостите да си извадат билет за толку време колку што ќе останат на паркингот.

OhridNews: Дали ќе има некакви промени во системот?

Г.Ј.: Системот ќе остане ист, но во план сме во соработка на локалната самоуправа и одделот за сообраќај да поставиме сензори на секое паркинг место и преку информативни табли да се знае на кој паркинг колку празни места има, па така гостите со самото влегување во централното градско јадро ќе знаат каде ќе можат да се паркираат.

OhridNews: Што е со најавите за наплата на паркинг на Јане Сандански и Туристичка?

Г.Ј.: Се додека граѓаните кои живеат на овие улици не посакаат да се регулира паркирањето, паркирањето на овој потег ќе е слободно.

Т.К.

Ново анкетно прашање: Дали Охрид треба да добие нов  современ Кеј?