Десеттина дена гори сртот на планината Галичица, на две локации, на потегот над селата Лескоец и Стење во атарот на Општина Ресен, како и месноста Војтино на охридската страна од планината.
Надлежните служби се на терен и утрово. Конкретно како ќе се дејствува денес се очекуваат информации подоцна. Ќе има поддршка и од воздухоплови. Планирано е над шумскиот пат над Љубаништа да се прави пречекување на оган за да не слегува надолу. Пожарот беше активен далеку од кампот Љубаништа, а дека на цела Галичица имаше сериозни површини и линии зафатено тоа е точно. Но, најмногу според некоја стратегија се штитат објекти, имот на граѓани, па потоа се останато. Во оваа смисла ЦУК постапува и овде и во цела Македонија. Во Југозападна Македонија во моментов имаме девет активни пожари, од кои во охридската зона е само на Галичица, вели раководителот на ЦУК Охрид, Митко Темелковски.
Во поглед на повиците за вклучување на доброволци вели дека тоа треба да се одвива преку ТППЕ Охрид и Штабот за заштита и спасување, да се види какви се можностите за вклучување на доброволците.
Оперативците на терен прават проценка за вклучување на доброволци и истите се грижат за нивната бебзедност и да бидат покриени со храна, вода… Имаше утрово некои најави за собирање околу пожарна, но официјални информации малку подоцна ќе соопштиме, додава Темелковски.
Планинската спасителна служба при ОО Црвен крст Охрид е на терен и прави максимални напори заедно со останатите вклучени служби да се стави пожарот под контрола, ситуацијата е доста сложена и се очекуваат денес водухоплови за гасење, хеликоптери и ер трактори, вели претседателот на Црвен крст Охрд, Сашо Точков.
Утринава е пратено и амбулантно возило со медицинска екипа од наша страна, бидејќи има доста вклучени волонтери. Да не се создава паника кај населението. Доброволците кои сакаат да се вклучат да се координираат со лицата од НП Галичица, не да одат самоиницијативно. Ако има дополнитлна потреба службите ќе повикаат доброволци. Од наша страна дистрибуирана е храна, вода и апел до сите кои можат да се вклучат за поддршка. Сложена е ситуацијата поради експлозивни средства, додава Точков.
Доцна синоќа после сите информации кои се ширеа на социјалните мрежи дека не се дејствува на терен и паниката кај камперите во Љубаништа, се огласи и Антонио Додевски од Планинската спасителна служба Охрид.
15 волонтери на Планинската спасителна служба при Црвен крст и Алпинистичкиот клуб Патагонија од Охрид заедно со 9 припадници од реџерската служба на Национален парк Галичица, од самиот почеток на пожарот се во постојана битка со огнената стихија која веќе 10 дена беснее во високо планинските предели на Галичица. Повремено поткрепени и со тимови на ТППЕ Охрид и Ресен, ДЗС, како и со доброволци од локалното население, во изминатите 10 дена тимовите се обидуваа да го стават под контрола пожарот во високо планинските предели на над 2000 мнв, каде пристапот е возможен само со пешачење од најмалку 2 часа, а во неколку наврати беа транспортирани и со хеликоптер на МВР. Големината на огнениот фронт, тешко пристапниот терен, неповолните временски услови како и големиот број на детонации од неексплодирани гранати, не дозволија локализација на пожарот во високата зона и полека истиот навлезе во буковите шуми на исток, запад и север, посочи Додевски.
Последните три дена, потенцираше Додевски, волонтерите сместени во планинската куќа Спиридон, постојано се на терен и 24 часа го контролираат развојот на пожарот со цел подговување на подобар план за делување следниот ден.
Се делува со рачно обезбедување на заштитни појаси во шумските предели, со цел заштита на што е можно поголем шумски фонд, за што дополнително се вклучени и поголем број на доброволци планинари и ловџии од Охрид и Ресен, рече Додески.
Посочи дека во текот на денот било дејствувано со два воздухоплови кои им помогнаа на тимовите во навистина тешката битка.
Н.С.Ј.