Кај некогашниот хотел Парк состојбата останува непроменета.

Ниту се отстрани градежниот шут, ниту пак инвеститорот воопшто помислува да го заштити огромното брдо градежен материјал покрај кој секојдневно минуваат голем број луѓе. Огромните количини чакал и песок стојат веќе два месеца зафаќајки половина од патот и речиси прекривајќи неколку дрва. При тоа, како резултат на честите врнежи не е исклучена можноста да дојде до одрон и големите количини песок да затрупаат случаен минувач. Ниту инвеститорот, ниту пак надлежните реагираат на ваквата состојба.


За потсетување, по рушењето на хотел Парк во месец мај , градежниот шут наместо да се депонира на соодветна локација, големи количини бетон беа оставени од страна на хотелот и од време на време се натапкуваа, при тоа формирајќи брдо од шут.

Од општинскиот инспекторат, пред еден месец изјавија дека се превземени соодветни мерки. – На сопственикот на хотел Парк му е укажано дека мора да го отстрани градежниот шут, а издаден е и налог за негово отстранување , за Ohridnews тогаш изјави Танас Танасоски, првиот човек на општинскиот Инспекторат.  
 
И градоначалникот Петрески најави дека ќе се следи ситуацијата околу градежниот шут во Парк со цел да се утврди- дали шутот се третира несоодветно само привремено. Ако тоа потраело подолг период, тогаш од Локалната самоуправа ќе се превземеле соодветни санкции.

Единствена локација на која легално се депонира и чува градежниот шут е депонијата Мауцкер.  

OhridNews