Настава утре нема да има во општинското средно училиште „Нико Нестор“ во Струга, за да се смират тензиите кои беа предизвикани по трите физички пресметки помеѓу ученици Македонци и Албанци, што се случија во изминатите две недели. Оваа одлука беше донесена на средбата помеѓу министерот за образование, Перо Стојановски, претстaвници на локалкната самоуправа и професорите албанци од гимназијата „Нико Нестор“, што се одржа денеска на иницијатива на општината.
Во „Нико Нестор“ утре нема да има настава
„Поради комплексната ситуација во средното училиште „Нико Нестор“, се одлучи утрешниот ден – понеделник, да биде неработен за сите ученици додека компетентните органи на училиштето, на општината и на министертвото не завземат конечен став за понатамошното организирање на наставата“, изјави по средбата Џејми Хајредини – советник за образование при локалната самоуправа. Тој информираше дека на состанокот денеска била поништена одлуката на директорката на гимназијата за воведување на етнички смени во „Нико Нестор“.
Џејми Хајредини
Министерот за образование, Перо Стојановски, изјави дека во соработка со локалната самоуправа интензивно се работи на разрешување на проблемот кој што подолг период се случува на подрачјето на општина Струга. „Постои добра волја од страна на локалната самоуправа и од страна на двете училишта да овој проблем се затвори и да се надминат сите проблеми“, рече Стојановски.
Добра волја има, но решение нема – Стојановски и Мерко
Градоначалникот на Струга, Размиз Мерко најави дека утре ќе продолжат интензивните напори на локалната самоуправа и МОН со цел да се надминат проблемите во струшкиот средношколски центар. Утре се очекува свој став за состојбите да завземат училишниот одбор и Наставничкиот совет од „Нико Нестор“.
На денешната средба не присуствуваа наставниците македонци, како и директорката на училиштето, со кои како што беше најавено, надлежните ќе разговараат во текот на утрешниот ден.