Ова е само една од сообраќајните несреќи кои се почесто се случуваат на оваа , една од најфреквентните улици во градот. Освен што возилата често пати возат со голема брзина, за хаотичната состојба на Јане Сандански придонесуваат и необележаните пешачки премини. Бројните возила и камиончиња, од кои им се доставува роба на продавниците, секојдневно се паркираат на тротоар, па пешаците се принудени да одат по улица. Дополнителен хаос предизвикуваат и започнатите градежни работи на еден од објектите, поради кој возилата од споредните улички немаат никаква прегледност кога се приклучуваат на главната улица.
Поттикнати од сето ова и стравувајќи за своите деца , голем број жители од Јане Сандански неодамна потпишаа и петиција која беше доставена до Локалната самоуправа. Тие бараа обележување на пешачките премини и поставување на забавувачи на брзината. И покрај ветувањата, ниту се обележаа пешачките премини, ниту се засили контролата од страна на сообраќајната полиција.
Надлежните од Локалната самоуправа, во соработка со сообраќајната полиција, одговорија дека поставувањето на забавувачи на брзина би пречело при пренесување на болните пациенти кон Општата болница, иако тие се поставени речиси на секоја друга улица, па така, возилата од брзата помош неизбежно е да ги минуваат при пренесувањето на пациенти.
Околу обележувањето на пешачките премини, оправдувањето што и во екот на сезоната тоа се уште не е направено, се бараше во лошите временски услови. Бојата не можела да се исуши поради врнежите. Од денес, се очекува стабилизирање на временските услови , па останува да се види дали навистина дождот беше пречка за да се офарбаат неколкуте пешачки премини на Јане Сандански.
Од СВР- Охрид, пак ветувањата беа дека ќе се засили контролата на оваа улица. Повеќе од очигледно е дека и тоа не се реализира, бидејќи во тој случај хаосот на Јане Сандански ќе беше намален, возачите конечно ќе запираа на пешачки премин и ќе ги пропуштаа пешаците како што е ред, а возачите не би свртувале каде ќе посакаат, и тоа на средина од улицата, како што беше викендов кога настрада моторциклист.