И ова лето ќе помине, а концесионерите на плажите  кои не ги исполнуваат безбедносните критериуми и обврските кои произлегуваат од договорот за закуп, минуваат неказнето.

Раководителот на Охридската Капетанија, Љупчо Настоски,  пред една недела јавно изјави дека концесионерите кои не ги почитуваат безбедносните критериуми, ќе бидат санкционирани, односно нивните плажи ќе бидат затворени. Наместо ред и казни, како што најави, закупците на плажи во струшко минаа со опомени и сугестии да ги отстранат воочените недостатоци во рок од десетина дена. Ако се знае колку трае  летната сезона тоа  значи дека тие ќе можат да го одработат шпицот, па потоа дали ќе бидат или не затворени ќе им биде сеедно. Со ова надлежните институции испраќаат лоша порака до закупците на плажите кои вложиле не така мали средства за ангажман на спасители на вода, обележување на плажите и друго, наспроти нивните “колеги“ кои упорно со години не го почитуваат законот, а кои непречено работат, иако не ги почитуваат одредбите од Договорот за концесија.


Засега се делат само опомени – капетанот Настоски во контрола на плажите

Дел од концесионерите на плажите и годинава одбиваат да ангажираат спасители на вода, а покрај безбедносните критериуми, граѓаните реагираат дека дел од плажите издадени под закуп не ја почитуваат и одредбата според која 40 отсто од плажите треба да бидат слободни за посетителите.

OhridNews