Да се поканат дипломатски претставници во Охрид, преку македонските амбасади да се влијае во земјите од кои доаѓаат најголемиот број гости со цел да се уверат дека Охрид е безбеден град во кој може да се помине летниот одмор, се дел од заклучоците донесени на денес одржаниот работен состанок на кој присуствуваа претставници од локалната самоуправа, СВР Охрид, поголем број менаџери од охридските  хотели, како и туроператори и агенции кои носат гости во градот.

Целта на состанокот беше да се разгледа моменталната состојба со закажаните аранжмани и да се делува во однос на откажувањето на дел од нив. Иако процентот на откажани аранжмани во Охрид во однос на целата сезона е мал, она што загрижува е тоа што вакви откажувања има во континуитет. Затоа на денешниот состанок беше одлучено да се поканат дипломатски претставници од странски држави во Македонија да го посетат Охрид,  да ја видат состојбата од сите аспекти и да им се укаже дека градот е максимално подготвен да ги угости сите туристи кои ќе дојдат. Беше заклучено и да се делува преку нашите амбасади особено во земјите од кои доаѓаат најголем број гости и се надеваме дека со нивна соработка ќе се делува и преку медиумска кампања за да се запознае населението со реалната состојба во државата и Охрид- дека колку и да е сложена политичката состојба, во Охрид безбедносната состојба е на високо ниво, вели раководителот на Секторот за туризам и локален екoномски развој, Ѓоко Апостолов.

Туристичките работници објаснуваат дека се почесто се соочуваат со телефонски повици, од странските туристички агенции со кои соработуваат, кои прашуваат колку е сигурно да се летува во Охрид.

Се што можеме правиме за да укажеме дека тука е безбедно и мирно, иако има загриженост кај дел од гостите. Кога ќе се јават прашуваат како е тука, ние им кажуваме дека е мирно, но преку нивните медиуми се пренесуваат поинакви информации и затоа мора да преземеме координирани мерки за да се спречат откажувањата, вели Наум Коруноски од хотел Силекс.

Од СВР Охрид потенцираат дека како и пред секоја туристичка сезона така и оваа се преземаат низа превентивни мерки за подигнување на безбедноста во градот.

Гарантираме мирно и безбедно лето за туристите. Нашата поставеност и оваа сезона ќе биде на превентивен план и ние сме таа институција која е задолжена за гарантирање на безбедноста  и сигурноста на гостите.Во рамки на нашите превентивни делувања и ова лето ќе има  мешани полициски патроли. Минатите сезони тие беа со наши колеги од Србија, а оваа сезона иницираме да соработуваме и со колегите од Холандија од каде преку сезоната доаѓаат околу 25000 гости, информира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

На состанокот беше одлучено и да се активираат контактите со министерствата за надворешни и внатрешни работи и министерството за економија, а преку комитетот за туризам да се разгледаат начините на кои може да се делува за амортизирање на негативните последици.

OhridNews