Да се постават заштитни огради, а влезовите да се бетонираат- се дел од предвидените мерки за обезбедување на напуштените објекти низ градот кои се евидентирани како собиралишта на наркозависници.
На денешниот работен состанок што се одржа во општинската зграда на кој учествуваа заменик градоначалникот на Охрид,Ангел Јанев, претставници од комуналните сектори, членови на заедниците на станари, НВО и претставници на СВР Охрид, беа присутни и претставници од МРТВ, која е сопственик на објектот што се наоѓа зад таканаречената скалеста зграда, за кој е познато дека години наназад важи за едно од најголемите собиралишта на наркозависниците.
– Преку отворена дебата со сопствениците на објектот и граѓаните кои живеат во околината се обидуваме да изнајдеме соодветно решение. Она што може да го направи локалната самоуправа е да се осветлат објектите, но со оглед на тоа дека станува збор за ризична категорија граѓани светлата веднаш ги уништуваат. Има определни насоки просторот да се загради,да се бетонираат влезовите, да се постави заштитна ограда, но тоа треба да биде во согласност со сопствениците. Ако тие не преземат мерки тогаш на нивни трошок ќе бидат санирани проблемите, вели Љупчо Танески од Секторот за комунален развој.
Освен поранешниот објект на МРТВ, собиралиште на наркозависници е и локација во близина на стариот отпад, објектот на стариот авто-сервис на улицата „Кленоец“ , поранешниот „Тафтинг“ кај чинарот во Горна влашка маала, карабината до управната зграда на Општата болница , а во последниот период има пријави од граѓани дека наркозависници се собираат и кај Мостот на желбите, црквата Св. Софија, како и на локација на улицата Железничка, каде се врши препродажба на опојни дроги.
Надлежните одржаа состанок и во месец јули кога беше одлучено во заедничка координирана акција, објектите во иднина да бидат под засилен мониторинг и да се преземат мерки со кои би се спречило понатамошното собирање на овие лица на наведените локации.
OhridNews