Известувањето од струмичкиот суд дека лидерот на СДСМ и градоначалник на Струмица, Зоран Заев не се појавил пред судот во Струмица како што тоа го правеше секој понеделник, досега не е стигнато до Основниот суд Скопје 1, но кога ќе стигне ќе биде распределено до надлежен судија и судечки совет.
Од Основниот суд Скопје 1, велат дека надлежниот судија или судечкиот совет ќе одлучуваат за понатамошното постапување, односно дали Заев ќе биде приведен или не. Струмичкиот суд веќе го испратил известувањето до Кривичниот суд во Скопје, но ако е испратено по пошта би требало скопскиот суд да го добие во вторник.
Заев минатата недела најави дека нема веќе да се јавува во судот, ниту да доаѓа на закажаните рочишта, бидејќи, според него, судството е под целосна контрола на власта. Тој е четвртообвинет во случајот „Пуч“ за насилство спрема високи државни функционери. Од сите обвинети за овој случај, само Заев не е во притвор, но му беше одземен пасошот и има обврска да се јавува во суд еднаш неделно.
Пасошот му беше вратен за да присуства на преговорите за решавање на политичката криза во Македонија кои некогаш се одржуваат во Брисел или Стразбур.
OhridNews
Извор: „Макфакс“