Противниците на британското излегување од Европската унија сакаат да се одржи нов референдум по истото прашање, се вели во петицијата објавена на интернет страницата на парламентот на Обединетото Кралство, јавува „Макфакс“.

Иницијаторите на новиот плебисцит ја повикуваат владата да го примени прописот, според кој, доколку бројот на гласовите, во случајов „за“ или „против“ Brexit, изнесува помалку од 60 отсто а одѕивот на избирачите бил помал од 75 проценти, тогаш е потребно да се спроведе ново гласање.

До саботата утрото петицијата ја потпишале 515.811 луѓе, што над пет пати повеќе од потребниот број од 100 илјади потписи.

Поради масовниот прилив на корисници, функционирањето на сајтот на британскиот парламент каде што се регистрира петиција привремено било запрено. Меѓу потписниците на обраќањето до британските пратеници најмногу се жители на Лондон, каде што повеќето области на референдумот гласаа за останување во ЕУ.

На четврточниот референдум со 51,9 отсто од гласовите победија поборниците на излегувањето на Британија од 28-члениот европски блок, додека 48,1 отсто од излезените гласаа за останување во ЕУ.

OhridNews”
извор: „Макфакс“