Реализацијата на буџетот на Општина Охрид за 2024 година изнесува 1.654.733.585 денари или 91,94 % остварување. На одржаната 54. Седница на Советот на Општина Охрид советниците од опозицијата реагираат дека реализацијата е голема, но изостануваат капиталите проекти.
Советничката Живка Ангелоска посочи дека повторно доминираат средствата за манифестации, фестивали, субвенции, има социјална инклузија и, вели, секоја почит за тоа во однос на работењето, но недостасуваат поголемите инфраструктурни проекти кои претставуваат бенефит и се однесуваат за сите граѓани.
Најмногу средства општината, 82 милиони денари, има исплатени по извршни решенија од добавувачите, потоа следи ставката за субвенциите за јавните претпријатија 32, 7 милиони денари. Локалната власт во првата фаза од унгарскиот кредит аплицираше со проекти за реконструкција на улици и фекална, атмосферска канализација, наместо да се аплицира за поголеми проекти. Поголемите ставки во самите програми се врзани за активности кои се неминовно да се направат за проектите за кои добиле средства од претходната централна власт. Доминантни се и проектите од Ohrid go, проект за кој аплицираше и го доби претходната локална власт. Во образование има некои основни училишта во кои ништо или минимално е направено за сметка на некои други училишта. За капитални инвестиции во градинките нема ни денар потрошено. Се се сведува на некои помали проекти, реконструкции на краци, на помали улици, на водоводни линии, на делови од тротоари…
Потенцираше дека Градоначалникот претходно изјавил дека ќе ги реализира сите приоритетни проекти од програмата освен еден.
Но, јас повторно не гледам дека не само што не е реализаран ниту еден, туку се далеку од отпочнување. Гледам само градежна офанзива на секоја локација во градот, но не јавни објекти, туку згради. Проектите кои ќе бидат реализирани за граѓаните остануваат, затоа посакувам да ги реализирате вашите приоритети за да можам да ги видам, додаде Ангелоска.
Секретарот на Општина Охрид, Александар Китески потенцираше дека и на претходните седници има информирано до каде се постапките за реализација на поголемите ветени проекти.
Ветени беа и завршени се реконструкциите на улиците „Македонски Просветители“, „Момчило Јорданоски“,„Гоце Делчев“, како и првата фаза од „7-ми Ноември“. ОУ „Кочо Рацин“ од 1-ви септември ќе биде префрлено во нова зграда. Во тек е изградбата на спортската сала ветена во Лескоец, а на 1-ви септември ќе се пушти во употреба. Од поголемите проекти тоа што беше ветено, а уште не е реализирано е проектот за „Крушевска Република“, проект кој беше три години блокиран, доби одобрение за градба и во тек е избор на изведувач, до крај на април треба да почне да се гради со средства од буџетот на општина. Вториот проект кој чекаше три ипол години е пред одобрение за градба, а тоа е катната гаража и истиот ќе биде аплициран на вториот повик од Владата за средства од буџетот. Во поголемите проекти е и изградбата на канализацијата во Долно и Горно Лакочереј. Проектот за велосипедската патека Охрид-Св. Наум е при крај, првичната идеја која беше истата да биде по средина на патот нема да биде, ќе биде од десната страна заради безбедност. Во комуникација сме и со Јавното претпријатие за државни патишта бидејќи патеката се протега на потег каде што надлежно е ЈП. Се надевам дека за брзо проектот ќе биде готов и ќе пристапиме кон одобрението за грдаба, посочи Китески.
Потенцираше дека нема населено место во градот каде тековно годишно не се реализира некој проект.
Оваа година можам да најавам дека од покрупните проекти ќе имаме реконструкција на улицата „7-ми Ноември“ втората фаза од таму каде што е сега завршена до Охридска банка, улицата „Даме Груев“ од старото кино до „Туристичка“ со наши средства, од „Туристичка“ до болниците ќе биде преку повик од Влада. За реконструкција на улицата „Гоце Делчев“ втората фаза ќе пробаме, но со оглед дека влегува во заштитено подрачје, незнам како ќе биде рокот за добивање одобрение за градба, додаде Китески.
Н.С.Ј.