Последното истражување на Министерството за здравство, спроведено во јули оваа година, покажало дека над 80% од пациентите се задоволни од функционирањето на системот „Мој Термин“, информираа денеска одговорните за овој Национален систем за закажување прегледи.

Оттаму истакнаа дека процентот на задоволни пациенти пораснал за 12,5 отсто од минатото истражување.

-Најголемиот број од пациентите  во истражуавњето покажува дека 93,8 проценти не им се случило да дојдат на закажан преглед, а притоа докторот да не е во амбуланта, а претходно пациентите да не се известени за тоа. Тука се бележи подобрување од минатото истражување, рече  Милан Аризанковски, проект-менаџер на Националниот систем за закажување прегледи.

Исто така, податоците од истражувањето покажуваат дека докторите ја почитуваат обврската за навремено да ги известуваат пациентите за непредвидените  отсуства на лекарите или дефектите на апаратите за кое се должни телефонски или писмено да ги известат дека нивниот термин е одложен.

– На прашањето дали се почитува закажаното време за преглед во ситемот од страна на докторите – позитивно одговориле 71 процент од испитаниците. За ова говори трендот на намалување доктори кои доцнеле три или повеќе пати од еден час во еден месец, рече Аризанковски и додаде дека од останатите испитаници кои одговориле дека докторот доцнел, повеќе од половина од нив се изјасниле дека чекале до половина час.

Истражувањето покажало дека за пет проценти е намален бројот на закажани прегледи во кои не дошле пациентите односно само 15 отсто не се појавиле на преглед. Во системот на „Мој термин“ било забележано и зголемнено откажување на прегледите од страна на пациентите и од нивните матични лекари.

OhridNews