Вкупно 40.600 граѓани до денеска напладне се пријавиле преку онлајн аликацијата за вакцинирање против Ковид-19. Преку матичните лекари пријавени се 12.652 лица, информираа за МИА од Министерството за здравство.

Веб страницата беше пуштена во функција во средата, а на неа може да се пријави секој граѓанин со тоа што системот ќе биде тој кој ќе генерира кои граѓани ќе бидат приоритетни.

Освен на овој начин, пријавувањето за вакцинирање ќе може да се врши и преку матичните лекари преку системот „Мој термин“.

Надлежните институции утврдија како ќе се одвива процесот на вакцинација. Во првата група се здравствените работници и лицата над 70 години.

Здравствените власти тврдат дека се подготвени за успешно спроведување на процесот на имунизација, но се’ уште немаат информации кога вакцините пшротив Ковид-19 ќе пристигнат во земјава. Првите 8000 вакцини од компанијата „Фајзер“ кои ни ги отстапи Србија се очекува да пристигнат следните денови, а кон средина на месецов се очекуваат и 200 илјади вакцини од кинеската „Синофарм“. Во земјава треба да пристигнат и дополнителни дози од „Фајзер“ кои се обезбедени од директните преговори со компанијата, како и дози преку Ковакс системот, но прецизни датуми нема.

OhridNews