Сопствениците на околу 310.000 бесправно изградени објекти добиваат можност истите да ги легализираат во наредните шест месеци, по цена од едно евро за квадрат, за што ќе им бидат потребни само три документи.

Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиевски информираше дека законот вчера бил изгласан во Собранието, а ќе стапи на сила осум дена по неговото објавување во Службен весник.

„Донесувањето на законот за постапување со бесправно изградени објекти претставува финално решавање на еден проблем со урбаниот хаос, со кој Македонија се соочува години наназад“, изјави Јанакиевски.

 За легализација на објектите ќе биде потребно да се поднесат уверение за државјанство или копија од лична карта, доказ за приклучок на комунална инфраструктура или сметки за јавни услуги и геодетски елаборат за утврдување на фактичката состојба на објектот со имотен лист.

„Граѓаните не треба да се стравуваат доколку не обезбедат некој од документите. Општината по службена должност ќе направи прекин на постапката со што се додека трае овој закон ќе имаат можност да го достават документот“, рече Јанакиески.

Тој информираше дека преку амандмани поднесени од пратениците во Собранието, се предвидува законот да ги опфати и градбите од локално значење, како и јавните здравствени установи.

Како што е познато од порано, со законот може да се легализираат државни објекти, објекти за домување, индустриски објекти и електронско-комуникациски објекти, кои биле изградени без одобрение.

Вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски изрази уверување дека новиот закон ќе има многу позитивни ефекти врз домашната економија

„Легализираните објекти ќе може да се тргуваат и да се заложуваат што ќе влијае многу и врз кредитно-инвестиционата активност“, рече Пешевски.

OhridNews
извор: „Макфакс“