Засега регистрирани се 250 настрадани од дождот од метеорски остатоци, што денеска паднаа над руската Челјабинска област, пренесуваат руските медиуми.

Полицијата ги бара местата каде паднале парчиња од небеското тело. Засилени полициски патроли се грижат за редот во регионот. Се преземаат мерки да не се оштети имотот во зградите каде има искршени прозорски стакла. Полицајци распрашуваат очевидци.

Првично беше соопштено дека над Уралскиот федерален округ се распрснал метеорит, што делумно изгорел во ниските атмосферски слоеви. Мали делчиња од небеското тело стигнале до површината на Земјата и паднале во слабо населени реони крај градот Сатка, во Челјабинска област.

Подоцна Јуриј Буренко, кој ја предводи локалната подружница на Министерството за вонредни ситуации во Челјабинската област, изјави дека метеорскиот дожд е предизвикан од парчиња од астероид, што утринава минал крај Земјата.

Научниците претпоставуваат дека е можно земјината гравитација да откинала одделни парчиња од астероидот.

Според Буренко, над Челјабинск, каде објектот прелетал утринава со голема бризина, одекнале три татнежи.

Ударниот бран ги искршил стаклата на прозорците во многу згради во Челјабинск и блиските градови.

-По експлозијата на земјата не се откриени никакви остатоци од предмети, рече тој.

Според податоци на НАСА, во моментов се познати над 1.300 „потенцијално опасни астероиди“, чии орбити минуваат недалеку од Земјата. Штом се доближат до планетата, тие ја менуваат својата траекторија, привлечени од гравитацијата.

OhridNews
извор: МИА