Над 130 учесници од целата држава, се запознаа и уживаа во убавините на Вевчани, планината Јабланица и Споменикот на природа Вевчански Извори на Планинската вело тура Вевчанска Голина – Локва која се одржа изминатиов викенд во организација на Еко-свест Вевчани и Велосипедско друштво Рупикапра MТБ Струга.

Турата која има за цел промоција на природните убавини и потенцијалот за велосипедски туризам на планината Јабланица ги освои импресиите на учесниците.

За нас претставува чест и задоволство што сме домаќини на оваа вело тура. Идејата за организација на ваков настан изникна од потенцијалот на планината Јабланица за развој на велосипедски туризам и други авантуристички спортови кои ќе придонесат со престојот во природа да се запознаеме со природните богатства кои ни ги нуди планината и со заеднички напори да работиме на нивна заштита. Еко-свест ќе продолжи преку своите активности да работи на едукација на локалното население и посетители и промоција на природните убавини на заштитеното подрачје Споменик на Природа Вевчански Извори и планината Јабланица вели Наум Илиески, проектен координатор на Еко-свест.

Турата започна од Центарот на Вевчани со крајна цел Вевчанска Голина (локва). Патеката од Центарот на Вевчани продолжува по следниот редослед Вевчански Извори – Есејнца – Смолејца – Јанков Камен – Манастир Св. Климент – Горна Белица – Вевчанска Голина (Видиковец), па назад кон Вевчани преку Средни рид. Патеката е со должина од 30км и елевација од 1100м.

Секој од учесниците имаше можност со кратко планинарење до Вевчанска Локва да ужива во бисерот на Јабланица.

Се радуваме на големиот интерес за велосипедската тура. Иако турата за прв пат се организира оваа година, интересот од велосипедистите од целата држава беше огромен. Се надеваме дека овој настан ќе прерасне во традиција и ќе ја организираме секоја година, вели Душан Шутиноски, претседател на Рупикапра МТБ Струга.

Вело турата е поддржана како дел од проектот “Поддршка на одржливо управување со Споменикот на природа Вевчански Извори” финансиран од Prespa Ohrid Nature Trust – PONT.

OhridNews