Утре, 7-ми мај, по десетти пат ќе се одржи Струшката Ѓурѓовденска литија на која годинава се очекува да присуствуваат над 12 илјади верници кои ќе ги пречекаат светите мошти на св. Георгиј Победоносец и неговата чудотворна икона, како и чудотворната икона на Мајката Божја „Богородица Крнинска“. Литијата ќе започне по вечерната богослужба во 17 часот.
На Литијата ќе ѝ претходи церемонијално полициско возило, кое на својствен начин ќе го одбележи чествувањето на Св. Вмч. Георгиј како покровител на полициските и безбедносни сили, кои без оглед на нивната национална и верска припадност, секогаш се тука да го чуваат мирот и безбедноста на сите граѓани во нашата држава. Помеѓу возилото и Литијата, ќе дефилира коњаник, облечен во римска трибунска воена облека, којашто е изработена од автентични материјали и е верна копија на оригиналните воени оклопи од тоа време, дело на познат италијански експерт за историјата на древната Римска Империја. Коњаникот, кој во раката ќе држи палмова гранка како символ на мирот, ќе има улога на посебен редар и најавувач на процесијата. На чело на самата Литија ќе биде член од Бигорското братство, кој ќе го бие клепалото, потоа носачи на крстови, рипиди, знамиња, псалтите и братството на Бигорскиот манастир, оркестарот на град Скопје, чудотворните икони на Св. Георгиј Победоносец и Пресвета Богородица – Крнинска, сестринствата од манастирите во Рајчица и Пречиста, свештенството на Дебарско-кичевската епархија, Митрополитот Тимотеј и други Митрополити, и најпосле, најголемата светиња – моштите на Светиот во раскошно украсениот епитаф. Од оваа година моштите на Светиот Победоносец Георгиј ќе бидат носени од двајца видни струшки граѓани и уште двајца од други места. Моштите ќе бидат придружувани и чувани и од четворица капетани од сејменската гарда на Бигорскиот Манастир, облечени во традиционална мијачка носија, со сејменски ќостек на градите, на којшто е претставен ликот на Св. Јован Крстител. Зад сердарите ќе оди сејменската гарда, чии членови ќе бидат, исто така, облечени во традиционални мијачки носии, со ќостек на градите со ликот на Св. Георгиј Победоносец.
По завршетокот на свечената литија, во дворот на црквата „Св. Вмч. Георгиј“, со своја културно-уметничка програма ќе настапи Ансамблот „Македонија“,чии членови за прв пат ќе ги промовираат старите струшки градски носии.
OhridNews