Полицијата најави дека ќе биде покрената соодветна постапка против десеттици граѓани на Охрид за непочитување на здравстевните протоколи за време на одбележувањето на верскиот празник Богојавление – Водици во Охрид.

На 19.01.2021 година во времето од 07 до 15 часот, преземени се активности со цел доследно спроведување на мерките и препораките за заштита и превенција од ширење на Коронавирусот Ковид 19. Притоа, кај месноста „Сараиште“ на улицата „Цар Самоил“ во Охрид, забележана е поголема група граѓани по што, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „непостапување по зарвствени прописи за време на епидемија“, полициските службеници извршиле проверка на 49 лица. По целосно документирање , СВР Охрид ќе поднесе соодветна пријава. – соопшти попладнево СВР Охрид.

Полицијата изрече и прекршочни санкции за 79 охриѓани, кои во текот на вчерашниот ден не ги почитувале мерките за задолжително носење лична заштита на лицето. Во истиот период во Струга каде исто така се одбележа празникот Водици со богослужби во црквите и капење во реката Дрим, поднесени се 6 такви пријави, а во Кичево 10.

Реагираше опозициската ВМРО ДПМНЕ, која смета дека однесувањето на полицијата било несоодветно и претставува насилие кон граѓаните од страна на власта.

Традицијата е нашето дефинирање, а Водици нашиот корен. Но за жал од достоинствен, искрен и сосема краток настан во кој преовладуваа среќата и радоста власта непотребно создава нервоза. Апсолутно непотребно на сите капачи по излегувањето од езерските води им беа земани податоци од полициските службеници. Немаше никакво групирање и натпревар за фаќање на крстот чин кој беше завршен во црква, не постоеа турканици и немаше никакви непријатности, па според тоа за секаква осуда е насилието кон граѓаните од страна на власта. Народот нема да ги заборави двојните аршини на оваа ненародна власт. Селективното однесување на власта е крајно нечовечки и против македонската традиција. – велат од ВМРО ДПМНЕ.

Празникот Богојавление – Водици во Охрид, вчера беше одбележан без традиционалниот масовен народен собир на градското пристаниште, кој беше откажан од страна на Дебарско – кичевската епарија и Општина Охрид, поради актуелната здравствена ситуација и беше упатен апел за почитување на мерките за заштита и спречување на ширење на коронавирусот. Празникот беше одбележан со свети литургии во црквите и нивните дворови. Наместо во езерото, чесниот крст симболично беше положен во сад во дворот на црквата Св. Никола Геракомија, а од присутните мал број верници крстот го фати Никола Чорбески – Чорбе.

Фаќачот на крстот и присутните верници, потоа се искапија за здравје во студените езерски води во месноста Сараиште, каде потоа тие беа евидентирани од многубројното полициско обезбедување.

OhridNews