Во струшкиот регион до сега се регистрирани 9 позитивни случаи на Ковид 19, а 42 лица се под здравствен надзор, информираше вечерва заменик министерот за здравствео Арменд Арслани во емисијата „Топ Тема“ на Телма. Додаде дека ситуацијата во овој регион се следи внимателно, особено во Лабуништа.
Двајца заразени се од Татеши, еден од Велешта, а останатите шестмина од Лабуништа. Таму функционира локален кризен штаб, будно се следи состојба, секојдневно се анализираат сите информации и се консултираат епидемиолозите и согласно податоците се постапува. – рече Арслани.
Во Охрид регистрирани се три случаи на коронавирус, а 62-ца се под здравствен надзор.
Заменик министерот за здравство рече дека се прави регионална организација, согласно која хируршкото одделение во охридската општа болница, ќе функционира како оддел за заразени од корона вирус од регионот.
И додека здравствените работници работат на протоколи да се амортизира евентуална ескалација на пандемијата на коронавирус, бизнисмени од струшко бараат владата не ги прифаќа предлозите на локалните власти да се воведат поригорозни ограничувања на движењето на жителите во населените места каде што се појави коронавирус. Тоа го поткрепуваат со податокот дека 1000 луѓе од селата Лабуништа, Октиси, Подгорци, Велешта и Боровец работат во производствените капацитети во струшко. Апелираат да не се избрзува со носењето дополнително рестриктивни мерки во регионот, пред состојбата да ја согледаат епидемиолози.
OhridNews