Во рамки на вторите акцијашки средби што од утре до 21 јуни ќе се одржат во Охрид со учество на 100 акцијаши од Охрид, Скопје, Куманово и Белград – Република Србија, ќе биде извршено збратимување на Здружението на акцијаши „ Брег на младоста“ од Охрид  „ Акцијаш“ од Белград.

Свеченоста ќе се одржи на 20 јуни 2015 година, сабота, во 13 часот во Детското одмаралиште „ Радости“ , поранешно Детско одмаралиште „ Сутјеска“.

Во рамките на вторите акцијашки средби организирани од охридското Здружение на акцијаши „ Брег на младоста“ ќе се изведат неколку локални акции за расчистување на брегот на Охридското езеро и две еко-работилници. Со цел заживување на волонтерскиот дух кај младите ќе биде иницирана идејата за организирање на меѓународен волонтерски камп. Со овие активности, Здружението на акцијаши „ Брег на младоста“ се вклучува во одбележувањето на 21 јуни- Ден на Охридското езеро.

Меѓу учесниците на годинешните втори акцијашки средби се акцијаши што пред 30 години учествуваа во изградбата на патот Охрид – Ресен, водоводот од Охрид до Метропол и ископувањето на амфитеатарот во Охрид. Тие повторно ќе ги посетат местата каде пред три децении вложиле дел од својата младост, ентузијазам и се вградиле во подигнувањето на Охрид и регионот.

OhridNews