Поддржувачите на Киев предлагаат резолуција што ќе треба да биде усвоена од 193-членото Генерално собрание на ОН во пресрет на првата годишнина од руската инвазија на Украина, а во која се нагласува потребата од мир кој гарантира „суверенитет, независност, единство и територијален интегритет“ на Украина. Нацртот, во кој имал увид АП, е насловен како „Принципи кои лежат во основата на сеопфатен, праведен и траен мир во Украина“, пренесува Еј-би-си њуз.
Предложената резолуција е поширока и помалку детална од мировниот план од 10 точки што украинскиот претседател Володимир Зеленски го објави на самитот на Групата 20 во ноември. – Тоа беше намерна одлука на Украина и нејзините поддржувачи да се обидат да добијат максимална поддршка при гласањето, велат дипломати на ОН, кои побарале да не бидат именувани.
Портпаролката на Генералното собрание Паулина Кубијак синоќа изјави дека обновената вонредна седница на Генералното собрание на ОН за Украина ќе започне на 22 февруари. Десетиците говори се очекува да продолжат до поголемиот дел од 23 февруари, а гласањето се планира да се одржи подоцна во текот на денот.
Советот за безбедност при ОН ќе одржи министерски состанок на 24 февруари, на годишнината од инвазијата. Нацрт-резолуцијата за годишнината, поддржана од Украина, беше испратена во четвртокот навечер до сите земји-членки на ОН, освен Русија и нејзиниот сојузник Белорусија, а преговорите за текстот започнаа вчера попладне, велат дипломатите.
Во неа се нагласува потребата да се постигне „сеопфатен, праведен и траен мир“ во Украина „што е можно поскоро“ во согласност со принципите на Повелбата на ОН. Нацртот ги повикува земјите-членки на ОН и меѓународните организации „да ја удвојат својата поддршка за дипломатските напори“ за постигнување мир под овие услови.
Предложената резолуција го повторува претходното барање на Генералното собрание Русија „веднаш, целосно и безусловно да ги повлече сите свои воени сили” од меѓународно признатите граници на Украина. И повторува дека стекнувањето на која било територија со закана или употреба на сила нема да се смета за легално.
OhridNews