Во Охрид следната недела ќе се одржи 19. Конференција на началниците на генералштабовите на армиите од земјите членки на САД-Јадранската повелба (А-5) на тема „Здружени напори во постигнување на НАТО партнерските цели и способностите на силите“, чиј домаќин е Македонија, а претседавач Босна и Херцеговина која ги наметнува темите на дискусија.

На конференцијата ќе присуствуваат адмирал Марк Фергусон, началник на ГШ на САД-ЕУКОМ и командант на Здружената команда на НАТО од Неапол, албанскиот началник на ГШ генерал мајор Јероним Базо, босанскиот началник генерал потполковник Анто Јелеч, хрватскиот заменик началник генерал потполковник Драгутин Репинац, македонскиот началник генерал потполковник Методија Величковски и црногорскиот началник адмирал Драган Самарџиќ, а гостин ќе биде словенечкиот началник на ГШ генерал мајор Андреј Остерман.

Според началникот на Генералштабот на АРМ генерал потполковник Методија Величковски, САД-Јадранската повелба е еден од најуспешните проекти за регионална соработка, а фактот што Македонија е домаќин, а БиХ претседавач со конференцијата покажува колку е добра соработката меѓу земјите членки на А-5. 

OhridNews