Со средства од Светска банка, општина Охрид за потребите на ЈП „ Охридски комуналец“ набави пет специјални возила. Комуналните возила се набавени од охридската фирма ЕРКА БМЦ, која даде најповолна понуда на претходно расишаниот тендер.

Со набавка на овие комунални возила за собирање отпад ќе се  подобри квалитетот на јавните комунални услуги во општината и ќе се зајакне капацитетот на општината и нејзините надлежности уредени со Законот за локална самоуправа. Исто така со овие возила ќе се обезбеди  поквалитетна услуга при собирањето на комуналниот отпад,  намалување на трошоците за одржување и гориво  за возилата за комунална хигиена на ЈП „Охридски комуналец“, намалување на емисијата на  ЦО2 и заштита  на животната средина и подобрување на условите за развој на туризмот во градот , рече при потпишувањето на договорот градоначалникот Никола Бакрачески.

Вкупната  вредност  на возилата е 306.328 евра. Согласно договорот, понудувачот има обврска комуналните возила да му ги испорача на ЈП „Охридски комуналец“ во рок од 8 недели од денот на потпишување на Договорот  .

Изразувам благодарност до општина Охрид, за покажаната доверба во постапката за набавка за нови комунални возила. Како добавувачи ќе се залагаме , потпишаниот договор во целост да го испочитуваме  односно да го реализираме во договорениот рок. Се надеваме дека ќе придонесеме Охрид да стане еден од најчистите градови на Балканот.  Се надеваме дека во иднина нашата соработка  со општина Охрид ќе продолжи  и во реализација на други проекти кои се во интерес на општината и пошироко, изјави Мухамер Џенгис од ЕРКА БМЦ.   

Моментално, возниот парк на ЈП „Охридски комуналец“ го сочинуваат 15 возила за отпад и чистење кои се стари, односно произведени во 1982-83 година.

Со помош на локалната самоуправа, по 17 години ќе добиеме пет  најсовремени комунални возила со кои ќе се подобри дејноста на претпријатието и ќе се намалат трошоците во однос на горивото и останатите реагенси. Со овие возила ќе бидат покриени сите реони и секојдневно навремено комнуналниот отпад ќе биде подиган. Комуналното претпријатие од свои средства ќе набави еден камион -кипер. Преку АДКОМ имаме аплицирано и за возила од 16 метри кубни за комунален отпад, рече Миле Ристески, координатор на оператива во ЈП „ Охридкси комуналец“ .

Со набавка на новите комунални возила, меѓу другото се става крај и  на проблемите кои ги имаа вработените во претпријатието при извршување на работните активности со застарените возила.

Т.К.