Три илјади дози вакцини против бактеријата стрептокока набави Министерството за здравство. Оваа вакцина е незадолжителна и бесплатна и е наменета за деца на возраст од шест недели до пет години.
Министерот за здравство Никола Тодоров, во петок рече дека вакцината е достапна и сите родители кои сакаат да го вакцинираат своето дете потребно е да се обратат до центрите за вакцинација во своето место на живеење и да се пријават, по што во рок од 10 дена ќе бидат повикани за вакцинација.
„Оваа вакцина штити од заболувања предизвикани од бактеријата стрептокока, како што се: пневмонија (воспаление на белите дробови), отитис (воспаление на увото), бронхитис и потешки форми, како: сепса, менингитис, артритис, и др., посебно кај деца со намален имунитет“, рече Тодоров.
Искуството покажало дека родителите бараат вакцинација за стрептокока, затоа што околу 2.000 на годишно ниво добиваат бактериска пнеумонија каде причинител во 90 отсто од случаите е стрептококус пнеумоние. „Околу 1.000 деца заболуваат од отитис или воспаление на увото каде во 90 отсто причинител е стрептокока“, рече Тодоров.
Најризични групи за ова заболување, нагласи Тодоров, се малите деца, особено оние со намален имунитет и потхранети, децата кои престојуваат во колектив, како и повозрасни лица, лица со хронични заболувања и со ослабен имунолошки систем.
OhridNews
Извор: „Макфакс“