Набавена нова опрема на Одделенијата за офталмологија и патологија при Општатата болница во Охрид преку донација на средства од Агенцијата за катастар на недвижности на Македонија. Новата опрема ќе значи олеснување во дијагнозата за пациентите и добивањето на резултатите, но ќе има и финансиски бенефит за самата Болница.

Директорот на Општата болница Охрид, Горан Маркоски, истакна дека средства веќе имало од Агенцијата на сметката на Болницата кога тој дошол на должност, но биле направени напори да се пренаменат истите со цел да се обезбеди опрема која е неопходна за Болницата.

Набавен е апарат за оптичка кохерентна томографија кој се наоѓа на Одделението за офталмологија. Истиот претставува основна алатка во современата офталмологија, основна дијагностичка алатка. Придобивката за пациентите и за граѓаните на нашата општина е голема, имајќи предвид дека од 10 до 20 пациенти дневно биле препраќани по приватни институции и ординации за оваа дијагностичка метода. Придобивката од финансиски аспект е огромна за нашите граѓани, а исто и за нашето Одделение бидејќи ќе сервисира услуги кои ќе се наплаќаат по DRG пакети, посочи Маркоски.

Преку донација на средства од Агенцијата за катастар, вели Маркоски, потполно е опремена и Лабораторијата за патолошка анатомија. Станува збор за 4 апарати, автоматизиран ткивен процесор од затворен тип, ротационен полуавтомтски микротом, водена бања и калапер со топло-ладна плоча.

Со оваа опрема нашето Одделение за патолошка анатомија ќе ги сервисира препаратите како од нашата здравствена установа така и од околните, зошто од ваков тип на лабораторија е единствена во Југозападниот регион. Ќе вршиме сервисирање на материјали како од државните, така и од приватните институции во регионот. Најголемата придобивка е што значително ќе се скрати времето на чекање за резулатите од овие материјали кои во некои случаи знаат да бидат и од витално значење особено ако резултатот упатува на малигно заболување. Во минатото се чекаше и по 30 и повеќе дена за резултати, сега значително ќе се скрати времето до 7 дена. Од друга страна има и економска придобивка бидејќи ќе сервисираме услуги за другите институции. Ќе биде и помало оптоварувањето за пациенти кои се одлучуваат да ги пратат материјалите во приватни лаборатории, бидејќи сега ќе бидат задолжени само по основ на партиципација, додаде Маркоски.

Опремата која е донирана од Агенцијата за катастар на недвижности на Македонија на двете одделнија е во вредност од 6 800 000 денари. Директорот на Агенцијата, Иван Живковски, посочи дека биле преземени сите потребни процедури согласно веќе одобрената донација да биде набавена опрема која е најпотребна за Болницата.

Набавена е опрема која ќе биде една од клучните во овој регион на Македонија, односно нема да има потреба голем број на пациенти да се упатуваат во Скопје, бидејќи тука ќе има брза и ефикасна дијагностика. Ова ќе претставува регионален центар, додаде Живковски.

Според најавите опремувањето на одделенијата во Општата болница Охрид ќе продолжи и во следниот период.

Н.С.Ј.

фото. Г.М.