Советот за оценка на обвинителен акт при Основниот суд Скопје 1 – Скопје по еден месец, донесе одлука и го прифати обвинението за случајот „Пуч“, а ги одби приговорите на одбраната како неосновани.
„Советот во одлучувањето утврди дека делата кои се предмет на обвинителниот акт се кривични дела предвидени во Кривичниот законик и приложени се докази во прилог на обвинението. Воедно советот имаше предвид и дека одбраната поднесе обемна листа на докази, а усното образложение на приговорите претставува и делумна одбрана на обвинетите што за советот претставува уште еден аргумент во прилог на одлуката да се закаже јавна, главна и усна расправа на која во контрадикторна постапка ќе се решаваат прашања што се предмет на испитување и оцена на главна расправа.По распоредување на обвинителниот акт кај надлежен судија за постапување ќе биде закажан термин за главна расправа за која јавноста ќе биде благовремено информирана“, се вели во соопштението на Судот.
Во овој случај единствено Заев кој е четвртоосомничен, од вкупно петмина осомничени, не е во притвор, а се товари за обид за насилство спрема претставници на највисоките државни органи. Според обвинението, Заев делувал со намера да го загрози Уставниот поредок и безбедноста на државата. Барањето за формирање на техничка влада, според Медарски, е чисто политичко барање на опозицијата и со ништо не го загрозува државниот поредок.
„Дали барањето за промената на составот на Владата и формирање техничка влада и барањето за предвремени парламентарни избори значи загрозување на Уставниот поредок и безбедноста на државата? Од осамостојувањето на Македонија се одржале повеќе парламентарни избори и имало техничка влада, и тоа не значело загрозување на Уставниот поредок. Се работи за чисто политичко барање на опозицијата“, рече адвокатот на Заев, Филип Медарски.
Првоосомничен во случајот „Пуч“ е поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Зоран Верушевски кој се товари за неовластено прислушување и тонско снимање, шпионажа и за помагање во насилство спрема претставници од највисоки државни органи. Сопругата на Верушевски, Соња Верушевска е обвинета за помагање при шпионажа, односно дека му ги преведувала на англиски документите на сопругот, додека петтообвинетиот Бранко Палифров, вработен во општина Струмица е обвинет за помагање при кривичното дело насилство спрема највисоките државни органи.
OhridNews
Извор:„Макфакс“