Во трезорот на литературата и во охридската Библиотека постојат стотици песни, раскази, новели, романи, поеми и есеи кои поети и писатели од ова парче македонска земја, ама и од белиот свет ги создале инспирирани од убавината на градот и Охридското Езеро, рече во обраќањето на Втората роднокрајна средба на која беа промовирани Алманах и ДВД „Роднокрајни автори – аудио записи 2024“, директорот на НУ Библиотека „Григор Прличев“, Милчо Јованоски.

Минатата, 2023 година, во јуни како Проект од Годишната програма за работа на нашата установа финансирана од Министерството за култура официјално ја одржавме Првата роднокрајна средба на автори, а триесеттината присутни дадоа многу конструктивни предлози од кои еден по еден нашата Библиотека ги реализира, потенцираше Јовааноски.

Конечно, деновиве пред да ја одржиме Втората роднокрајна средба на автори, пак во јуни, реализираме уште еден од предлозите. Отпечативме книга – алманах со творби,  како огледало за едногодишното нивно творештво. Средствата го ограничија печатењето, тиражот, бројот на страници, а со тоа и просторот да бидат застапени поголем број роднокрајни автори. Во овој прв Алманах се опфатени четириесет и еден автор. Најголемиот дел творат во Охрид, а застапени се и тројца роднокрајни автори кои живеат и пишуваат на македонски во Австралија, додаде на промоцијата уредникот и автор на двата проекти Јованоски.

Мене ми падна честа да кажам неколку зборови за првиот алманах на роднокрајните автори, рече писателот и поет Мирко Томовски.

Станува збор за алманах од 90 страници со 41 роднокрајни охридски автори. Ако за секој автор се земе само една минута за алманахот може да се зборува 41 минута, по две 82, зависно од говорникот, но јас во корист на времето, ќе бидам краток. Си реков, ајде да напишам неколку зборови, неколку пофални реченици, ама овде, во овој алманах, сѐ е напишано запишано. Си реков, да се впуштам да кажувам, да раскажувам, да прикажувам за секого по нешто, ама овде веќе сѐ е кажано, раскажано, прикажано. Си реков, да почнам со фалби и пофалби, онака на „повисоко ниво“, со вметнување странски зборови кои ни го запустија јазикот, кои ни ги запустија и ги пустат нашите млади поколенија кои меѓусебно подобро се разбираат, да не речам комуницираат на англиски јазик отколку на својот мајчин. Е токму поради тоа, овде во овој алманах и во сите алманаси на сите наши творци од дамнини до денес и утре, е браната, поточно одбраната, во зачувувањето на мајчиниот – македонски јазик, истакна Томовски.

ДВД изданието го промовираше писателката Марина Шикова – Димовска која рече дека огромно е значењето на еден проект од ваков вид, кој селективно и спонтано создава една фонотека богата со податоци, изобилство на раскажувања и теми кои ги засегаат нашите, роднокрајните автори, но и оние кои први во раце ги имаат нивните книжевни трудови – книжевните критичари, а секако, и без исклучок, и пошироката публика која љубопитно пристапува кон секој аудио исказ.

Оценувајќи го со радост,  особено бидејќи посебно ме допира аудио – записот како таков, се надевам дека оваа традиција на овековечување на роднокрајните автори и трудови ќе продолжи и понатаму, за да оставиме на нашите поколенија наследство кое ќе ги охрабри и успешно ќе ги води низ животните предизвици, додаде Димовска.

OhridNews