Охридската академија на хуманизмот во рамките на манифестацијата „Богојавление – Водици“ денеска постхумно ќе му ја додели Повелбата за награда за 2009 година на рускиот писател, дисидент и нобеловец, Александар Исаевич Солженицин.
На бината на градското пристаниште Повелбата се очекува да ја прими претставник од Руската Федерација. „Одлуката беше донесена во март минатата година и уште тогаш му беше соопштена на Солженицин кој многу се израдува, но жал, тој почина на 3 август 2008. Очекуваме руски претставник во Охрид да ја прими Повелбата, а на пролет ќе одиме во Москва, во седиштето на фондацијата „Солженицин“ да ја предадеме главната награда која се состои од резба-дрвена црква изработена од охриѓанецот Живко Пејоски“, вели Зоран Велјаноски -Летра, член на охридската академија на хуманизмот.
Високото признание на Солженицин му се доделува заради неговите исконски стремежи и посветеноста на хуманиот развој на човековата мисла и ум.
Охридската академија на хуманизмот по трет пат ја доделува наградата за хуманизам. Добитник во 2007 година беше Јапонецот Даисаку Икеда, а минатата година со ова високо признание беше одликуван Мануел де Оливеира од Португалија.
А.Р.