Компанијата за лиценцирање, којашто ги поседува правата за користење на ликот и делото на „Kралот на рокенролот“, Елвис Присли, им наложи на легендарните капели за „брзи свадби“ во Лас Вегас да престанат да ги користат името, песните, ликот и стилот на пејачот.
„Аутентик брендс груп“ (Authentic Brands Group) ги испрати писмата за претстојното раскинување на лиценците на почетокот на мај. Сепак, според познавачите, Елвис е толку тесно поврзан со индустријата за венчавки во Вегас, што ова може да биде крај за овој бизнис. Тоа ќе значи и дека одреден број луѓе ќе останат без работа.
Службеничката на Округот Кларк, Лин Гоја, одговорна за маркетинг кампања за Лас Вегас како свадбена дестинација, рече дека налогот капелите да престанат да го користат името и песните на Елвис не може да дојде во полошо време за секторот. Градската свадбена индустрија генерира две милијарди долари годишно, а Елвис е дел од секоја свадбена свеченост.
Компанијата која ги има правата за Елвис, ги поседува и оние на Мерилин Монро, боксерот Мохамед Али и повеќе од 50 други ѕвезди.
Меѓутоа, забраната не важи за имитаторите на Елвис во Лас Вегас, кои се исклучително чести во казината и хотелите. Според законот во американската сојузна држава Невада, имитирањето ѕвезди на емисии во живо се смета за исклучок од авторските права
OhridNews