Во единствениот амбиент на „Охридска порта – Љубица“, синоќа со изложба и пригодна програма се одбележа 100 годишнината од раѓањето на големиот ликовен уметник Вангел Наумовски, како и 70 години од првата самостојна изложба на еден од најголемите творци на Охрид и Македонија во 20 век.
Чествувањето на великиот Вангел Наумовски со отворањето на ретроспективната изложба на неговите дела, ја покажува нашата сегашна определба, а воедно е и аманет за идните генерации, делото на големиот уметник, засекогаш да биде запаметено во колективната меморија на Охрид и Македонија, остакна градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков.
Со чествувањето, исполнуваме само мал дел од обврската кон сите великани кои оставиле културен и цивилизациски белег во милениумската историја на Охрид и Македонија, а Вангел Наумовски несомнено е во самиот врв на таа листа на достоенственици, додаде Пецаков.
Тој искажа голема благодарност до семејството Наумовски за вонредните напори во подготовката на оваа изложба, која на охриѓани им овозможи уште еднаш да уживаат во безвременската убавина на делата на големиот Вангел Наумовски.
За значењето и делата на големиот ликовен уметник Вангел Наумовски, меѓу другите, говореа и неговиот син Рубенс Наумовски и Јордан Плевнеш, а настанот го збогати извонредниот музички уметник Владимир Четкар кој утре вечер, 3 август, ќе одржи авторски концерт во ланџ барот “Деспина” на бреготнаОхридското Езеро.
Г.М.