СВР Охрид, на целото подрачје што го покрива (Охрид, Струга, Вевчани, Кичево, Пласница, Дебар и Центар Жупа), контролира вкупно 144 лица со мерка „здравствен надзор и домашна изолација“. Од нив 125 своерачно под полна морална, материјална и кривична одговорност потпишале изјава дека по доаѓањето од странски земји кои, според Листата од СЗО се зафетени од Коронавирус COVID – 19, во времетраење од 14 денови во нивните домови ќе спроведат задолжителна самоизолација. 19 лица се водат со решение од Државниот здравствен и санитарен инспекторат и се ставени под здравствен надзор и домашна изолација, информира портпаролот на СВР Охрид Стефан Димовски.

Tој истакнува дека на терен се преземаат строги рестриктивни мерки со цел спречување, внесување и ширење на коронавирус COVID-19, во согласност со одлуките на Владата.

Упатуваме апел до граѓаните, строго да се придржуваат до препорачаните мерки и насоки усвоени од Владата во врска со спречувањето на ширењето на корона вирусот (COVID-19), а сите правни и физички лица строго да се придржуваат до насоките на полициските службеници. Граѓаните, на бесплатниот телефонски број 08 0000 201 или на 192, можат да ги пријавуваат сите случаи на лица кои ги прекршуваат одредбите за задолжителна 14 дневна самоизолација. – вели Димовски.

Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „непостапување според здраствените прописи за време на епидемија“, ОВР Кичево поднесе кривична пријава против Д.Д.(36) и С.Д.(39), двајцата од кичевското село Лисичани. На 19 март при извршена контрола на лица со мерка „здравствен надзор и домашна изолација“, полициските службеници констатирале дека пријавените не се наоѓале во нивните домови и не се придржувале кон мерките за 14 дневна самоизолација.

Тие, на 13.03.2020 година, на граничниот премин ,,Меѓународен Аеродром Скопје“, своерачно, под полна морална, материјална и кривична одговорност, потпишале изјава дека доаѓаат од Швајцарија, која според Листата од СЗО е зафетена од Коронавирус COVID – 19 и дека во времетраење од 14 денови, во нивните домови во селото Лисичани ќе спроведат задолжителна самоизолација. – истакнува Димовски.

Пријавените, со непридржуввање до одредбите во изјавата, ги прекршиле мерките за самоизолација и постапиле спротивно на прописите за спречување на појава, внесување, рано откривање, спречување на ширење и сузбивање на Коронавирус COVID – 19.

OhridNews