Нема да прифатиме ниту еден реферат со антимакедонска содржина и во кој се негира постоењето на нашиот јазик, култура и држава, категорично најавува генералниот секретар на Меѓународниот Славистички Комитет, професор д-р Димитрија Ристовски. Комитетот викендов во Охрид заседава во функција на подготовка на Светскиот славистички конгрес што догодина ќе се одржи во нашиот град.
Како што дознаваме имало одредени обиди да бидат пријавени такви реферати, но тие не биле прифатени од организаторот. Најмногу проблеми тој има со славистите од соседните земји, што се потврдува и со информацијата дека Грција воопшто не го пријавила своето учество на конгресот што во октомври 2008г. ќе се одржи во Охрид.
Меѓународниот Славистички Комитет не прифаќа негаторски реферати
Од друга страна членовите на Меѓународниот Славистички Комитет сметаат дека Охрид и Македонија се вистинското место за одржување на Светскиот славистички конгрес. „Јас лично се залагав Македонија да биде организатор на конгресот затоа што сметам дека дека секој словенски народ, без разлика дали е мал и голем, треба да добие шанса да покаже што може, а со тоа ќе се поттикне и развојот на славистиката во Македонија“, ни изјави Генадѕ Цихун, славист од Белорусија. Тој изрази уверување дека Четиринаесетиотт Светски славистички конгрес што ќе се одржи во Охрид ќе биде успешно организиран и дека ќе влезе во историјата.
Г.М.