Публиката во преполното гледалиште во дворот на основното училиште „Свети Климент Охридски” со громогласен аплзус ја поздрави синоќешната претстава „Со љубовта шегување нема“ во изведба на Битолскиот интимен театар, а во режија на Софија Ристевска.
„Единствениот начин да се промени светот е преку индивидуални револуции, почнувајќи од себеси, своите семејства, локални заедници…. Јас лично сум убедена дека само на таков начин може да се постигне прогрес на лично, пред се духовно ниво и така да се повратат загубените духовни вредности. Материјализмот е премногу длабоко вкоренет во светски рамки, речиси не можеме ништо против големите корпорации кои го диктираат текот на капиталот и тоа е трогателно, наспроти потребата едноставно да се чувствуваме сакани. “ – изјави за Охридњуз, режисерката Софија Ристевска.
„Денес ние не сме повеќе луѓе , туку едноставно потрошувачи и кредитни картички, токму така не доживува општеството. Парите владеат и доминираат над се. “- додаде Ристевска.
Претставата, што се одигра во рамки на фестивалот „Охридско лето“, ја разработува тематиката за тоа како материјалните работи постепено се претвораат во нашиот Господ и за тоа колку љубовта денес е студена и површна.
„Љубовта по сета логика на нештата треба да ни биде најважна, таа е најголемата движечка сила и само преку неа можеме да го повратиме моралот и да ги негуваме другите човечки вредности. Во оваа претстава како што имавте можност да проследите, не се работи само за љубов меѓу маж и жена, но за универзалната меѓучовечка љубов и љубовта кон животот.“- рече актерот Здравко Стојмиров.
Претставата е работена по текст на фрацускиот автор Алфред де Мисе, кое дело потекнува од првата половина на 19-тиот век од епохата на романтизмот, но драмски е деконструиран и адаптиран на актуелните и современи текови за 21 век.
Пораката на оваа претстава е да се укаже на најнегативните импликации од капитализмот како што се: губењето на човечкиот идентитет и важноста на човечкото постоење, дехуманизацијата, губење на оригиналноста и солидарноста, на средната граѓанска класа и создавање на екстремно богати и екстремн бедни луѓе.
„Одлична изведба, инзвондреден англиски јазик и фантастични вокални можности на актерската екипа. Добра подготовка и пред се, можевме да согледаме огромна сестраност на актерите. “
„ Многу ни се допадна тематиката, во најдобро светло беше доловена суровоста на капитализмот и вистината за духовната и морална криза во ера на екстремен материјализам. “
„Одамна не сум присуствувала на претстава која толку живо го отсликува современиот живот и неолиберализмот, пребрзото темпо и глобалните проблеми, која ги доближува до нас сите аномалии на капитализмот и која толку длабоко продира до сите сфери на општественото живеење, за да ни покаже дека љубовта е лекот. “ – беа дел од коментарите и импресиите на публиката за синоќешната претстава.
Ивана Чичоска