На студиските програми од прв циклус студии на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ од Охрид, во учебната 2015/2016 година ќе се запишат вкупно 440 студенти, од кои 220 места се предвидени за студентите во државна квота, 110 места се предвидени за студентите со кофинансирање на студиите и 110 места за вонредните студенти.
Селекцијата на кандидатите ќе се врши врз основа на успехот од средното образование. Бидејќи студиските програми на УИНТ во целост се изведуваат на англиски јазик, познавањето на аглискиот јазик се докажува со доставување потврда за познавање на англиски јазик во моментот на аплицирање. Студентите во државна квота се запишуваат со плаќање надомест во износ од 200 евра годишно, а додека студентите кои ги финансираат своите студии и вонредните студенти ќе се запишуваат со плаќање на надомест во износ од 400 евра годишно во денарска противвредност, според средниот курс на НБРМ.
Идните студенти може да одберат од следните студиски програми на Универзитетот: компјутерски науки и инженерство, комуникациски мрежи и безбедност, машинска интелигенција и роботика, информациски системи, визуелизација, дигитална мултимедијална и анимациска техника, е-влада, е-бизнис, е-култура и дигитална бизнис информатика. Роковите за пријавување на кандидатите се 13 и 14 август и 3 и 16 септември 2015 година. Конкурсот е објавен на интернет страната на Универзитетот за информатички науки и технологии www.uist.edu.mk
УИНТ „Св. Апостол Павле“ е единствен специјализиран Универзитет во областа на информатичките науки и технологии во земјата, лидер во квалитетот на академските програми и истражувачки проекти во областа на информатичката технологија и наука. УИНТ е универзално признат во однос на едукативните и научни искуства кај студентите како и кај меѓународните реномирани професори и истражувачи.
УИНТ во својата програма комбинира студиски програми, дизајнирани според изтражувачки и наставни практики актуелни во САД, Европа и регионот, придржувајќи се кон европските стандарди во високото образование со целосна имплементација на европскиот кредит трансфер систем на студирање. Со цел дополнително да се промовира меѓународната конкурентност кај студентите, Универзитетот го применува англискиот јазик како наставен јазик.
Главната цел за основање на УИНТ е да се излезе во пресрет на зголемената побарувачка, како регионално така и глобално, за: обучени и компетентни техничари од областа на информатичките технологии, инженери и научници за истражувачките и развојни потреби во индустријата, давање на солидна основа на студентите кои тежнеат кон стекнување на напредни научни степени на врвни меѓународни последипломски училишта во областа на информатичките науки и технологии.
OhridNews